Лоренс Брукс, најстариот американски ветеран од Втората светска војна, наполни 112 години. Тој роденденот го прослави во својот дом во Њу Орлеанс, а забавата му ја приредил Националниот музеј за Втората светска војна. Роденденот му го честитал и гувернерот на сојузната држава Луизијана, Џон Бел Едвардс.
„Господине Брукс, целата држава Луизијана ви е благодарна за она што го постигнавте и ви посакуваме да уживате во вашиот роденден“, му порачал Едвардс.
Музејот ја приредил оваа забава и покрај тоа што другите забави во последните две години биле откажани поради корона. Дел од прославата била и парадата на теренците и настапот на музичко трио.
Брукс е роден во 1909 година во Норвуд, Луизијана, а во Њу Орлеанс живее од 1929 година. Тој бил регрутиран во 1940 и служел во 91. инженерски баталјон. Потоа бил испратен во Нова Гвинеја и Филипините, каде бил вклучен во изградба на инфраструктурата како мостови, улици и аеродромски патеки.
Тој во една прилика раскажал што се случувало кога се наоѓал во авионот Ц-47, со која била доставувана бодликава жица, во моментот кога му откажал моторот. Жицата ја исфрлиле од авионот за да го направат полесен. На пилотот и копилотот, кои единствени имале падобрани, им рекол дека ќе се држи за едниот од нив ако бидат принудени да скокнат од авионот. На крајот сепак успеале да слетаат, а потоа се смееле за тоа што се случувало, пренесува АП.