„’Парни ваљак’ ќе продолжи да функционира како бенд и покрај смртта на Аки Рахимовски, но тој ќе остане незаменлив“, изјави еден од основачите на групата, гитарист и главен композитор Хусеин Хасанефенфиќ-Хус. Тој откри дека групата работела на нов албум и се спремала за турнеја во моментот кога почина Аки.
Хус и Аки го формираа бендот во 1975 година и го претворија во еден од најпопуларните во регионот, со состав кој скоро и да не се менуваше.
„Ние како бенд ќе опстанеме како формација, но сигурно нема да го менуваме Аки. Можеби ќе свириме концерти со некој пејач кој ќе биде гостин. Аки е незаменлив. Верувајте ми, сите ќе умреме ако не продолжиме да свириме. Ние живееме за да свириме. Нам не ни требаше ‘Парни ваљак‘ за да заработуваме пари, ние имавме потреба да свириме“, кажа Хасанефендиќ.
За потсетување, Аки Рахимовски почина на 66 години пред една недела. Тој беше погребан во Загреб, со македонско знаме и песната „Зошто си ме мајко родила“. Во Скопје во негова чест беше отворена книга на жалост и на плоштадот Македонија на видео бим се прикажуваа концерти од „Парни ваљак“. Наскоро Рахимовски ќе добие и улица во Скопје што ќе го носи неговото име.