На 81 годишна возраст, почина Хилдегард – Хилда Кондовска, телевизиски новинар од првите генерации на МТВ. Својата долга и богата новинарска кариера ја започнала во 1962 година, по враќањето од Италија, каде ги посетувала курсевите што во тоа време ги организирало RAI – Италијанската радио телевизија.
Кондовска била новинар, коментатор и уредник на Редакцијата за култура и уметност на ТВ Дневникот на МТВ, каде што го минала најголемиот дел од работниот век. Во Културната редакција на МТВ ја поминала цела 1992 година. Зад себе оставила големо новинарско наследство, како уредник на серија емисии за македонските цркви и манастири, портрети на современи писатели, композитори, драмски, музички, балетски и ликовни уметници, а била и автор на емисии од историјата на македонскиот театар, градот Скопје и други.
Кондовска работела и за весниците Нова Македонија, Вечер, Културен Живот.
Погребот на Хилда Кондовска ќе се изврши утре на градските гробишта во Бутел, во кругот на семејството.