Наградата за најдобра претстава „Се викам Горан Стефановски“ ја доделува жирито на Тркалезната маса на критика, додека наградата за режија ја доделува Стручното жири на Фестивалот.
Наградите на фестивалот „Театар на раскршќу“ во Ниш ќе бидат врачени вечерва на пригодната свеченост по повод затворањето на третото издание на Фестивалот.
Претставата „Се викам Горан Стефановски“ на Драмски театар Скопје, беше изведена во сабота на 10 септември. Драматург на претставата е Бранислава Илиќ, драмски писател и професор на Факултетот за драмски уметности во Белград. Претставата е авторска адаптација од изборот на драми и монтажа на сцени од седум драми на Горан Стефановски напишани во периодот од 1987 до 2021 година („Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Euroalian“ и „Одисеј“). Сценограф на претставата е Александар Дениќ, автор на музиката Влатко Стефановски. Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов – Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски и Саша Димитриевска.