Приказната на Мате Римац: Како Порше и Бугати станаа хрватска сопственост

Приказната на Мате Римац: Како Порше и Бугати станаа хрватска сопственост

пред 3 години

Компанијата Римац Аутомобили на хрватскиот претприемач и иноватор Мате Римац, неодамна стана мнозински сопственик на Бугати, познатиот француски произведувач на хиперспортски автомобили. Веста ја потврди Мате Римац (37), хрватскиот иноватор, кој како што се наведува, сите акционери ги задржале постоечките удели во сопственост на Римац. Мате Римац е и понатаму поединечно најголемиот акционер со 37 отсто удел, Порше има 24 отсто, а следуваат Хјундаи со 12 и останатите акционери со 27 отсто сопственички удел. За само 12 години постоење, компанијата Римац Аутомобили од стартап компанија со еден човек во гаража стигна до мнозинско сопствеништво над легендарниот Бугати.

Приказната Мате Римац ја објави хрватската РТЛ телевизја, каде неодамна беше гостин и каде откри за изградбата на кампусот Римац кој ќе биде готов до 2023 во кој ќе се произведуваат автомобили, а ќе има и тест патека.

Кој е Мате Римац? 

Роден  во 1988 година како најстар од три деца. Неговата мајка била чистачка, а татко му градежен работник во Германија. Во  2000 година се преселиле во Самобор, во близина на Загреб, каде основале семејна фирма.

Според она што раскажувал, Мате бил просечен ученик. Отсекогаш го интересирала електроника и автомобили и на натпреварите од тие области освојувал прво место.

Неговата прва иновација била ракавицата „iGlove“ која заменува маус и тастатура на компјутери, а ја направил како матурска задача. Уште како дете бил воодушевен од автомобили, па станувал околу 4 часот наутро за да гледа Формула 1 трки. Подоцна започнал да вози дрифт трки со своето старо зелено БМВ, а кога во една прилика му се запалил бензинскиот мотор, Римац сфатил дека мора да ја реализира својата долгогодишна желба и да направи електричен автомобил.

Конечно, по многу напор успеал да го оствари сонот,  на една улична трка во 2010 година, неговото електрично БМВ ја победил бензинската конкуренција, а една година подоцна соборил пет Гинисови рекорди за забрзување на електрични автомобили.

И тоа што било хоби, преминало во бизнис. Тогаш тој и дизајнерот Адриано Мудри одлучиле да создадат потполно нов автомобил во гаражата на Римац, со што Адриано бил задолжен за дизајнот, а Мате за технолошката страна. Поради успехот кој Мате го имал на трките, тој го привлекол вниманието на медиумите бидејќи било несекојдневно едно старo електрично БМВ да покори бензински автомобили со неколку стотици, па и над илјада коњски сили.

Неговиот електричен автомобил бил дочекан со воодушевување, а првиот сериозен инвеститор бил Колумбиецот со хрватско потекло, Франк Кристијан Канајет. Тогаш започнале да пристигнуваат и првите нарачки, а бизнисот на Римац започнал вртоглаво да расте од година во година.

Од Зелено чудовиште до хипер-кола

Мате имал 21 година и како од шала земал старо зелено БМВ, наречено Зеленото чудовиште и му го заменил моторот со електрична батерија. Мислејќи дека ја направил најбрзата електрична кола за тоа време, две години подоцна се упатил на саемот во Франкфурт каде и навистина потврдиле – Concept One имал 1088 коњски сили и крева и до 355 километри на час како права спортска кола. Некои перформанси на неговата „Невера“ се подобри од оние на американска Тесла.

Му кажале да замине од Хрватска, тој не ги слушал

Скоро да немало субвенции за Мате од неговата држава Хрватска кога го почнувал бизнисот. 12 години борба со 6 вработени кои на плацот „Св.Недеља“ почнале од обичен магацин и претежно ги продавале батериите за Concept One, но не и колата.

Сепак, тоа не го сопрело во неговиот сон. Мате вели дека досега платил 20 милиони евра во данок, а добил само 2 милиони субвенции од Хрватска, и земјиштето за плацот. Денес, се претпоставува дека компанијата Римац вреди 6 милијарди и расте.

– Сакав да докажам  дека е можно да работам овде и направив сè за да останам тука. Многу пати бев пред заминување. Не е толку до државата, туку фали цел екосистем. Нема инвеститори, нема фондови. Можеби сега има, но кога почнав , немаше, раскажува Римац.

Фолксваген, Порше и Бугати на колена

Фолксваген тајно развива електричен Голф, а на Порше му се исклучува електричниот Тајкан. Не чини батеријата, дајте ја таа на Римац. И како да немаа избор големите европски производители, па за да ја внесат технологијата на Римац во своите коли, мораа или да го купат – или да бидат купени. На крајот на баладата, Римац мнозински ги купи нив!

Со месеци Фолксваген, Порше и Бугати го убедувале Римац тие да бидат мнозински сопственици на новата фирма. Мате решително се спротивставил и сега тој е главниот. 37 отсто од акциите ќе ги држи тој, а другите се исти: 24 отсто задржува Порше, 12 отсто Хјундаи и останатите 27 отсто за другите. Фирмата се дели на две ќерки: Бугати Римац и Римац Технолоџи, но сопственик останува Мате.

– Многу сум горд и среќен што ја завршивме оваа заедничка инвестиција, и покрај многуте предизвици. Ова е важен ден за Бугати, Порше и целата групација Фолксваген – вели Луц Мешке од Порше, кои само во март му дадоа 70 милиони евра.

Извршниот директор на Порше, Оливер Блуме, кој се согласил Римац Групацијата да преземе 55% од акциите на Бугати Римац, а Порше само 45 проценти, посочува дека ова е голема работа за неговата компанија.

Заради кичмата што ја покажал, Римац ќе остане и единствен сопственик на неговите уникатни батерии за коли и сам ќе ја развива напредната електроника за Бугати, Порше и другите во својот плац во Св. Недеља, контролирајќи го целиот процес. Автомобилите потоа ќе се склопуваат во своите матични земји.

Роботски таксиja во Загреб

Римац ќе добие и 200 милиони евра од Европскиот фонд за да направи роботски таксија во Загреб. Тоа е проект во кој ќе инвестираме стотици милиони, ако не и милијарди евра, во Хрватска со наши инвеститори. Проектот сè уште не го објавивме и тоа ќе го сториме на крајот на годината или почетокот на следната. Мислам дека сите ќе бидат воодушевени кога ќе видат што правиме, тоа ќе биде навистина нешто ново на светско ниво – вели првиот човек на автомобилите Римац.

Тој додава дека за европските пари сè уште се разговара. Според него, државата Хрватска не донесе стратешка одлука и работеше проактивно на привлекување инвеститори во оваа област:

До 2030 коли без волан и без возач

Ваквата рамна структура во сопствеништвото, кајшто големите гиганти ќе бидат рамо до рамо со Римац, а секој ќе произведува по нешто со секого и за секого, се чини нова и нелогична. Но, бизнисот го диктира тоа. Глобалната економија се вмрежува во разни групации. Кај електричните коли тоа ќе биде уште поизразено заради економската исплатливост.

Според Римац, електричните коли нема да имаат ни сопственик туку ќе ги користиме како такси за да стигнеме од А до Б и ќе плаќаме за услугата. До 2030 година, сите коли ќе бидат електрични и без волан, објаснува тој.  Тоа целосно ќе го промени општеството, а не само автомобилската индустрија – вели Римац.

Вин-вин за сите, ама Невера по цела Европа

Ако го прашате Мате, новата фирма со Бугати и Фолксваген е вин-вин за сите…тројца. Бугати веќе бил во голем дел во сопственост на Фолксваген, а кога Римац купи 55 отсто од него сега сите имаат по нешто.

– Денес Бугати има од 450 до 500 вработени, а Римац има илјада – вели тој. Од тие илјадници, ние земаме 300 што се дел од производството на автомобили, а потоа треба да видиме како да ги комбинираме трите локации во Хрватска, Франција и Германија на најефикасен начин. Неодамна, во Невера Римац го прошета и македонскиот претседател Пендаровски.

Share
Scroll to Top