Светските поп ѕвезди ширум светот почнаа да ги откажуваат концертите во Русија, откако Владимир Путин изврши воена инвазија врз Украина. Тие јавно ја изразија својата поддршка за Украинците и посакаа прекин на војната и мирно решение.
Стинг собра 2,2 милиони прегледи на „Инстаграм“ со неговата акустична изведба на песната „Русија“, која ја објави во 1985 година. Тој повика на мир и деескалација на конфликтот.
„Не помислив дека оваа песна повторно ќе биде релевантна, но поради крвожедните одлуки на еден човек да нападне мирна соседна држава, повторно таа стана повик за мир“, рече Стинг.
Британската ѕвезда песната им ја посвети на храбрите Украинци кои се борат против бруталната тиранија, но и на Русите кои протестираат и покрај заканите да бидат уапсени и притворени.
The Cure, уште една култна група од 1980-те, ги стави во продажба маиците со нивното име во сино-жолта боја на украинското знаме со цел да соберат пари за агенцијата на Обединетите Нации за бегалците, UNHCR.
Фронтменот на бендот Роберт Смит ги сподели твитовите на Алексеј Навални, затворениот руски лидер на опозицијата кои повикува на протести против Путин. Бројни поп и рок ѕвезди ги откажаа своите турнеи во Русија.
„Во мислите ни се само Украинците и другите кои се противат на ова насилство и сакаат мир“, напиша Иги Поп, по повод откажаниот концерт во Москва, кој беше предвиден за јуни.
Меѓу оние кои ги откажаа настапите во Русија се и Ник Кејв и „Горилаз“.
„Нашите мисли и љубов се насочени кон храбрите луѓе во Украина, нивниот херојски лидер и другите кои се жртви на оваа бесмислена војна“, рече Кејв.
Членовите на шкотскиот бенд „Франц Фердинанд“ исто така ја откажаа турнејата во Русија и нагласија дека треба да се разликува руската власт од народот.
„Ја сакаме Русија. Оваа голема земја не инспирираше нас со својата уметност и книжевност, од нашиот прв настап таму пред 17 години. Оттогаш со руските фанови развивме богата и длабока поврзаност. Знаеме дека ги гледате лудестите потези на водството на вашата земја. Знаеме дека не сакате војна“, рекоа од бендот.
Некои од нив беа покритични и го споредија Путин со Хитлер.
„Хитлер се врати да не прогонува“, напиша пејачката на групата „Флитвуд Мек“, Стиви Никс.
Мадона на „Инстаграм“ објави пост со фотографија од уништена Украина и како ја свири нејзината песна Sorry.
Дејвид Гилмур, бубњарот на „Пинк Флојд“ чија снаа е Украинка, ја тргна својата музика од руските и белоруските стриминг станици.
„Путин мора да си замине“, рече тој.
Своето неверување за она што се случува во Украина го изразија и многу помлади пејачи.
Раперката Ники Минаж на „Твитер“ напиша: „Не можам да замислам колку се уплашени и се чувствуваат осамено мајките кои бегаат со своите деца и се простуваат од нивните сопрузи“.