Претпоследната нумера од проектот „Македонијо во срце те носиме“, е во изведба на Зуица Лазова, а станува збор за безвременска „Земјо мила“. Оригиналната верзија на „Земјо мила“ во далечната 1977 година на Скопскиот фестивал ја отпеа кумановецот Никола Давидовски – Коле, а нејзин комплетен автор е Јане Коџобашија. Давидовски ја пеел и во Јајце, на големите концерти на тогашната ЈНА во Белград, во тогашен Титоград, а ечела и кога дошол Тито во Скопје.
Коџабашија, кој инаку во својот музички опус има поголем број родољубиви песни, зашто, како што вели и самиот, има афинитет кон нив, „Земјо мила“ ја создал додека работел како новинар во тогашното Радио Скопје и имал 35 години. Во една прилика има изјавено дека можеби на фестивалот на кој била премиерно изведена не добиле награда, но тоа што „Земјо мила“ сѐ уште живее е најголемото признание.
„Чест ми е што сум дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“, зашто Македонија е во срцето на секој Македонец. Песната „Земјо мила“ е преубав евергрин кој неправедно е помалку експониран, а ова е убава можност во ново руво да ја запознаат и засакаат и помладите генерации. Со песна македонскиот народ опстојувал со векови, па така ќе биде и понатаму зашто нашиот фолклор е наша лична карта и идентитет“, вели Зуица.