После пет години музичката дива Калиопи одржа концерт пред македонската публика. Велешани вчеравечер ја имаа можноста да бидат дел од музички времеплов заедно со пејачката и нејзините најубави песни.
Ерупција од емоции, публиката пееше и акапела во Велешкиот театар „Јордан Хаџи Констатинов – Џинот“.
„Дали ме сакаш“, „Црно и бело“, „Бато“, „ Не ми го земај времето“,„Месечина“, „Ако денот ми е ноќ“, „Обои ме“ се пееја гласно, па на моменти Калиопи го оставаше микрофонот само публиката да пее во еден глас.
Калиопи енергично се движеше на сцената, а публиката секој следен рефрен го наградуваше со аплауз и овации.
Таа ја изведе „Македонско девојче“, но во џез верзија, а ја отпеа и „Македонија“ на Дадо Топиќ.
Инаку Калиопи долги години музички е активна надвор од нашата земја, односно во регионот каде што и почесто одржува концерти и настапи. Ова е прв концерт на пејачката по пет години пауза во Македонија.