(Видео) Отсекогаш сакав да ја отпеам „Ој, Вардаре македонски“ затоа што сум поранешен член на РК Вардар - Марија Спасовска дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“

(Видео) Отсекогаш сакав да ја отпеам „Ој, Вардаре македонски“ затоа што сум поранешен член на РК Вардар – Марија Спасовска дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“

пред 10 месеци

Марија Спасовска ја препеа „Ој Вардаре македоснки“ како дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“.

„Ој, Вардаре македонски“ е моја омилена песна, зашто сум најголем фан на Вардар. „Ој, Вардаре македонски“ е една од оние песни кои будат емоција уште со првите тактови. Таа е меѓу композициите кои остануваат трајно врежани во македонскиот музички код и песна која ќе остане како вистинско музичко ремек-дело кое ги разгалува срцата и душите на Македонците каде и да се“, вели Марија.

Оригинално е отпеана од великанот Јонче Христовски, но оваа безвременска тема магично звучи и во интерпретација на Марија Спасовска, млада девојка која јавноста ја памети уште од „Поточиња“, мјузиклот „Тајно моја“, Детската Евровизија.

„Среќна сум што сум дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“, и со посебна радост ја прифатив поканата и идејата да ја отпеам оваа песна. „Ој, Вардаре македонски“ отсекогаш била моја желба, особено затоа што сум поранешен член на РК Вардар, но и нивен најголем фан. Со Николче имавме одлична соработка за време на снимањето и мислам дека заеднички успеавме да донесеме нов, свеж звук за оваа моќна песна која првенствено треба да им стане омилена на младите, односна на мојата генерација“, вели Марија и додава дека би сакала да сними уште некоја ваква преработка.

Желбата на Марија да пее за Вардар се остварува во рамките на проектот „Македонијо во срце те носиме“, за кој аранжманите ги спакува маестро Николче Мицевски, а видеата и комплетната реализација на проектот – составен од 12 композиции во изведба на 12 изведувачи, се со потписот на Скендеровски продукција.

Во склоп на „Македонијо во срце те носиме“ јавноста уште ќе ги чуе и види и: Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, ДНК, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов и Зуица Лазова.

Секоја песна на Јонче Христовски е македонска химна, а „Ој, Вардаре македонски“ е химна и на ФК Вардар, па сосема очекувано и Комитите се дел од видеото. Комитите го красат видеозаписот за оваа преработка, што воедно значи и дека целиот проект се вклучува во иницијативата за поддршка на најтрофејниот македонски фудбалски клуб.

Кон крајот на летото публиката ќе има можност сите 12 песни да ги слушне и во живо, бидејќи предвиден е концертен караван кој под истото име ќе гостува во неколку македонски градови.

 

Share
Scroll to Top