Визит-картичка на Стив Џобс од 1983 година достигна над 85.000 долари, а аукцијата сè уште не е завршена

Визит-картичка на Стив Џобс од 1983 година достигна над 85.000 долари, а аукцијата сè уште не е завршена

пред 3 часа

Редок примерок од визит-картичка на коосновачот на Apple, Стив Џобс, со негов оригинален потпис, достигна цена од над 85.000 долари на аукција, иако наддавањето сè уште трае. Колекционерите ја сметаат за еден од највредните деловни сувенири од раниот период на компанијата Apple, поради што интересот за неа е исклучително голем.

Аукциската куќа RR Auction досега регистрирала 17 понуди, а последната ја надминала сумата од 85.500 долари. Со оглед на тоа што лицитацијата сè уште не е затворена, се очекува конечната продажна цена да биде уште повисока.

Според организаторите на аукцијата, досега низ годините биле продадени само 15 визит-картички на Стив Џобс, а од нив само четири потекнуваат од 1983 година. Токму затоа овој примерок има исклучителна колекционерска вредност.

Дополнително, картичката е оценета со највисокиот можен степен на автентичност – „Gem Mint 10“, сертификат што го издава PSA/DNA. Иако на неа има мали траги од користење и неколку ситни оштетувања на горниот раб, потписот на Џобс е целосно сочуван, што значително ја зголемува нејзината вредност.

Ова не е првпат предмети поврзани со легендарниот основач на Apple да достигнат вртоглави суми на аукции. Минатата година друга потпишана визит-картичка на Џобс беше продадена за околу 180.000 долари.

Меѓу највредните предмети поврзани со Apple останува и прототипот на компјутерската плоча Apple-1 „Board #0“, кој претходно беше продаден за дури 2,75 милиони долари.

Бидејќи вакви оригинални предмети од раните години на Apple многу ретко се појавуваат на пазарот, секоја нова аукција привлекува огромно внимание од колекционери и љубители на технолошката историја ширум светот.

Share
Scroll to Top