„Вујче, уште многу песни ни останаа недопеани“: Огнен, внукот на маестро Зоран Џорлев, раскажа за тешките мигови по смртта на познатиот виолинист

„Вујче, уште многу песни ни останаа недопеани“: Огнен, внукот на маестро Зоран Џорлев, раскажа за тешките мигови по смртта на познатиот виолинист

пред 4 години

Смртта на познатиот виолинист, вокален изведувач, професор, маестро Зоран Џорлев, ги најде затечени многумина, неговите пријатели, музичари, колеги, а најмногу семејството. Веста која осамна на 1. јануари дека од коронавирус починал виртуозот на виолина беше уште едно разочарување, по желбите дека Новата 2021 треба да донесе повеќе среќа и да се врати животот во нормала, оти пандемијата не бираше ниту години ниту бројка, а во светот починаа милиони луѓе.

За смртта на Џорлев, многумна дознавме од неговиот внук, Огнен Здравковски, син на сестрата на Зоран Џорлев, Софче, која исто така се занимава со музика. Скршен од болка, и сега, собра сили, па за „Репортер“ ни раскажа низ сѐ што минуваа, но и за споменот по кој ќе го памти својот вујко.

“Ние живееме сите заедно во иста куќа, вујко ми со семејството и јас со моето семејство. Веста дека тој почина прва ја прими вујна ми, а потоа сите дознавме. Сѐ уште не сме свесни дека неговата смрт е вистинска“, го започнува разговорот Огнен Здравковски кого публиката го памти и по настапите на “Ѕвездите на Гранд“.

Огнен ни раскажува дека ситуацијата не била критична во ниеден момент. Вели, маестро Зоран Џорлев бил стабилен. “Сѐ се искомплицира во последните пет минути пред да почине, кога му се откачи тромб. Тој и немаше некои здравствени проблеми. И лекарите ни велеа дека е стабилен и дека полека, но успешно се бори со болеста. И докторите и ние, ама сите се надевавме дека уште некој ден и ќе го пуштат и ќе си дојде дома“, низ емоции раскажува Огнен за Репортер, кој често со својот вујко настапуваа заедно.

Вели дека се чувствува многу лошо и дека не можел ни да замисли што ќе им донесе оваа година. Заради Ковид-19 и за време на погребот мораа да се почитуваат мерките, па за жал, Зоран Џорлев, не можеа да го испратат баш сите кои сакаа да се простат за последен пат од него.

“Не знам точно колку луѓе имаше на погребот, само знам дека да не беше пандемијата ќе имаше премногу луѓе. Вујко ми го сакаше и го почитуваше цела Македонија и ќе дојдеа многу луѓе за последен пат да се поздрават со него. Ние објавивме јавно секаде дека последниот поздрав ќе биде на 2 јануари на пладне и секако дека дојдоа многу луѓе да го испратат, но сите бевме со маски и се држеше дистанца“, раскажува младиот пејач за “Репортер“.

Огнен, кој е дете на сестрата на Зоран Џорлев, вели дека со својот вујко биле многу блиски. Зад него се многу незаборавни мигови, спомени: “Ма, јас го гледав и како татко, па тој ми беше животен ментор, беше во мојот живот најважен за сѐ. Не само за во музиката туку општо за во целиот мој живот“, искрен е Огнен.

На прашањето дали може да се сети на некоја интересна случка со местро Зоран Џорлев, вели: “Секој ден имавме по некоја заедничка интересна случка. Со него сѐ ми се случуваа само убави, позитивни и среќни моменти. Ги има многу, но во овие тешки денови не можам да ги раскажувам. Ама, здравје во иднина, кога ќе помине малку време, ќе раскажам сѐ она што е недоречено за него“.

Како роден брат на мајката на Огнен, оваа нераскинлива врска на вујко и внук за младиот пејач е повеќе од сѐ. Вели дека ова што тој е денес и што ќе биде во иднина е сѐ заради неговиот познат и ценет вујко.

„Пресреќен и преблагодарен сум бидејќи имав од кого да учам и наследам. Ние и многу често настапувавме заедно, и за жал останаа уште многу неиспеани песни,” раскажува низ емоции Огнен, кој летово со својата мајка Софче, која пееше во шоуто „Никогаш не е доцна“,  исто така имаа корона.

“Јас лесно поминав, ама мајка ми се лекуваше на инфективна, исто каде што беше и вујко ми. И таа беше многу критична и не се знаеше како ќе се одвива, но ете имало Господ за неа“, искрен е Здравковски.

Велат  времето ги лекува раните. Не секогаш е тоа така, ама спомените веројатно се она што го тераат човек да ја издржи болката.

„Тагата, болката и празнината во срцето ќе останат додека сум жив. Тоа не може да се смени, а дека времето ги лекува раните, не е точно. Реалноста е дека мораме да се навикнеме да живееме и да чекориме напред со сето ова. За мојот вујко ќе кажам дека пред сѐ беше прекрасен човек, човек со огромна душа и огромно срце и преголем хуманитарец, гледаше на секого да направи добро и да помогне. Спомени има милион. Кога ќе седневме, заедно со него ги пеевме песните на дедо ми, “Не кажувај либе добра ноќ’, “ Во Струмица на улица“, “Кажи, облече ле бело“, неговата омилена песна “Џелем, џелем“, вели Здравковски.

Александра Георгиев

 

Share
Scroll to Top