Модната агенција „Моделс ин менаџмент“ во пресрет на јубилејот 20 години од основањето во јавноста ги претстави своите најбарани машки модели. Павле Николовски, Александар Златановски, Христијан Стојаноски, Андреј Пајмаковски и Никола Андоновски, освен што се постојано ангажирани во Македонија и на Балканот, веќе имаат изградено и меѓународна кариера.
„Не можам да опишам колку се гордеам на момците што работат напорно на себе, на својот изглед и се професионалци во секоја смисла“, вели Алек Наумовски, еден од најдобрите македонски модели, кој пред две децении ја основа „Моделс ин“ со Надица Георгиева.
Алек не штеди пофалби за манекените што се барани периодов. Вели, во светот на моделингот лицата се менуваат со брзина на светлината, но само квалитетните и специфичните успеваат да опстојат и да работат подолго време.
Павле Николовски е веќе добро познат и признат на нашата, но и на меѓународната сцена, има огромно портфолио и кредибилитет. Неговиот стаж од 10 години му ги донесе и најголемите модни кампањи за веќе признати брендови. Долгата коса му помогна да ја задржи својата оригиналност и воедно да ја потенцира својата рафинирана убавина.
Алек го опишува Александар Златановски како модел со мистичната убавина и маркантни црти. Вели дека поради нив, само еден месец откако станал дел од „Моделс ин“, Алекс бил ангажиран на неколку проекти и тоа му овозможило бргу да напредува на светскиот пазар. Работеше во Германија, Индија и во Сингапур, а лани стана заштитно лице и на светскиот бренд „Армани“ кога ги рекламира нивните часовници.
Христијан Стојаноски веќе двапати беше во Индија, каде што имаше модни ангажмани за светски брендови. Тој работеше на комерцијални каталози за Томи Хилфигер и Келвин Клајн. „Неговата класична убавина и вроден шарм веднаш му ги отворија вратите на светските агенции“, вели Алек.
За Никола Андоновски, Алек вели дека е енергичен и решителен и дека во ниеден момент не се двоумел дали да замине на работа во странство иако тогаш имал само 17 години. „Неговото тело и убавиот лик му донесоа многу интересни кампањи и фотографирања, меѓу кои и за оние за ‘Левис’ и ‘Најки’“, ни откри Алек.
Најмладиот од успешните интернационални модели е Андреј Пајмаковски. „Тој поседува сè што се бара кај еден машки модел, а уникатната убавина и совршените пропорции веднаш му овозможија влез во најдобрите светски агенции. Последното работно патување во Барселона го скрати поради светската пандемија, но оттаму се врати со многу контакти со реномирани агенции и букери. Неговиот успех е загарантиран“, вели Алек.
Фото: Мартин Трајановски