Приказната за стартот и првите предвидувања за Новак Ѓоковиќ потекнуваат од неговиот прв учител по тенис, Јелена Генчиќ, која покрај Србинот ги открила и Моника Селеш, Иванишевиќ, Јаушовец и Мајоли, светски тенисери кои заедно имаат освоено вкупно 35 Гренд Слем титули.
Јелена е 32 кратен шампион на Југославија, а покрај тенисот играла и ракомет и била голман на ракометната репрезентација на Југославија. Настапила на Светско и Олимписките игри, а Ѓоковиќ го тренирала во периодот кога имал 5 до 12 години.
„Ова дете, ако биде правилно водено со програмата која ја имам за него, на 17 години ќе биде меѓу првите 5 тенисери во свет. Ова го имам кажано само на родителите на Моника Селеш“, им рекла Јелена на родителите на Ѓоковиќ.
Покрај бесплатните часови го учела да слуша класична музика, поезија и ботаника. Така му ја кревала самодовербата. Кога првпат се сретнале на Капаоник, во него видела иден шампион, а родителите не ѝ верувале додека не слушнале дека таа ја создала Моника Селеш.
„Кога се запознавме беше многу дебел и не му дозволував да крева тегови. Му објаснив дека не смее да го прави тоа пред крај на пубертетот. Инаку нема да порасне и со фитнесот ќе има поголеми мускули, а намалена брзина и еластичнос. Сега е висок и брз и се покажа дека сум во право“, рече Јелена.
Открила дека идол му бил Пит Сампарс и дека го сакал сервисот и волејот на Едберг, а агресивниот форхенд на Агаси.
„Без разлика на временските услови, инсистирав да игра на отворено за да има свест за теренот и да се соживее со него. Никогаш не му го оспорував она што го правеше добро, но го поттикнував тоа да го прави уште подобро со зборовите: Тоа е добро, ама ајде да се потрудиме да биде перфектно. Бидејќи и двајцата сме перфекционисти, тој пристап имаше успех.
Јелена раскажа дека почетоците за родителите на Новак биле тешки и дека имале финансиски проблеми. Објасни како татко му додека барал спонзори се зајмувал пари и дека кога немал се зајмувал од други. Но, крајот се исплател.
„Предвидов дека Новак кога ќе има 17 години ќе биде меѓу првите 5 во светот. Стана на 19 затоа што не можеше да игра на 11 меѓународни турнири. Тие турнири беа важни, бидејќи на нив се стекнува искуство, а Новак играше само на два, бидејќи само за толку имаше пари. Кога се појавија првите спонзори, го советував татко му Срѓан да ги одбие, бидејќи тоа беа само пешкири и рекети и му реков да го почека моментот кога тој ќе ги диктира условите. Ме послуша иако не му беше лесно да направи тоа“, рече Јелена.
Кога го прашала Ѓоковиќ кој е неговиот сон тој ѝ одговорил да биде најдобар во свет и да го освои „Вимблдон“. Го учела како се држи говор, како да се поздравува со кралицата. Го однела дома каде му ги покажала трофеите кои ги освоила со Југославија.
Кога пред камера зборувала за неговиот талент, Генчиќ го објаснила Новак со следниве зборови.
„По сите овие години кои ги поминав со него, кога видов пред сè во каков човек се развива, се разбира и како спортист, сигурна сум само во едно. Неговиот дар не доаѓа од овој свет“.