Кафе-муабет со Мартин Трајановски: Луѓето денес не се навикнати да слушаат позитивни работи

Кафе-муабет со Мартин Трајановски: Луѓето денес не се навикнати да слушаат позитивни работи

пред 3 години

Пробувам утрото да го почнам со појадок, а потоа да пијам кафе. Но, се надевам дека наскоро денот ќе ми почнува со утринско трчање.

Утринското кафе секогаш го пијам сам, во комбинација со некое интервју или мотивациско видео на Јутјуб, или можеби лајт серија на ТВ. Тоа е моето совршено друштво за утринско кафе. Не сум некој експерт за кафе, но во последно време, откога почнав да го подготовувам и опремувам моето студио, имам чувство како да почнав да пијам многу поквалитетно кафе од претходно.

Мојата работа не е канцелариска, кафето некогаш го пијам на терен со луѓето што ги сликам, а некогаш дома, додека сè е мирно. Ова за многу различни кафе-средби, но секој од нас има потреба и од едното и од другото, зависи во какво расположение се наоѓаме тој ден. Некогаш кафето со соработниците и пријателите може да биде буквално целта на денот, особено во овие денови кога ретко се гледаме со најблиските, а некогаш и лекот за внатрешниот мир е многу едноставен: сам со себе и шолја убаво кафе.

Забележувам дека луѓето не се навикнати да слушаат позитивни работи, а кога ќе ги слушнат, истите ги препишуваат на клише муабет или нешто слично. Тоа не е во ред.

И кога велам „не е во ред“, мислам првенствено на луѓето и нивното ментално здравје. Не може нешто да е клише муабет ако вам ви претставува приоритет или важен дел од денот или животот. Па затоа со сигурност ќе кажам дека сум благодарен што постојам и имам можност да бидам дел од овој свет, тоа е позитивната мисла што ми е неопходна за почеток на денот. Па ако треба, и нека речат дека е клише.

Викенд-утрата вообичаено ги користам за подготовки за фотосесиите што ги работам многу често за време на викендите. Да бидам искрен, не се сеќавам кога последен пат немам работено за време на викенд, што од една страна е супер, а од друга па и не толку…

Мартин Трајановски, фотограф

 

Share
Scroll to Top