Директорот на Скопската зоолошка градина Ѓорѓи Галетаносвки-Чомбе, откако е поставен на функцијата, па до денес, постојано го привлекува вниманието на јавноста. Од една страна, како урбан скопски лик, кој со години беше менаџер на познатите ноќни клубови во Скопје, од друга, пак, како прв човек на Зоолошката, кој за кратко време успеа од неа да направи омилено место на децата и на возрасните.
Не е тајна дека изминативе години се подобрени условите во живеалиштата на животните плус донесоа и сè повеќе егзотични видови животни. Сепак, деновиве, вниманието го привлече и една студентка од Факултетот за безбедност, која ја прескокна оградата кај мечките, ги вознемируваше, па доби кривична пријава. И ако тука се поткренати оградите, тоа изгледа не е доволно, а по нејзиното видео наголемо за зборуваше дека, освен што ги вознемирувала, девојката можела и да настрада.
„Реално, бев изненаден од храброста бидејќи знам што би можело да ѝ се случи ако падне долу. Пред 20 години некој дечко така влегол кај нилскиот коњ и денес нема една нога. Ние имаме и редари и вработени, но некогаш се премалку за да видат сè“, раскажува Галетановски во интервју за „Репортер“.
На прашањето дали се случило да излезе некое животно од своето живеалиште, тој ни открива: „Крокодилот Ганчо ја помина оградата, која била скината, а тоа беше само што почнав со работа таму. За среќа, вработените го најдоа рано наутро и беше вратен во живеалиштето, а истиот ден оградата беше сменета. Во такви моменти првин следува евакуација на посетителите и екипирање на вработените“, ни открива директорот на скопската ЗОО, кој го носи прекарот Чомбе.
За тоа зошто сите го викаа со прекарот, а не со вистинското име, и тука има приказна: Прекарот ми е од лик од култната серија „Трст виа Скопје“ и ете така ми остана до ден-денес. А и јас останав ист до денес, открива Галетановски.
Пред да стане директор тој беше дел од скопскиот ноќен живот.
„Клубовите и концертите ми беа професија. На 18 години почнав да работам и се задржав малку предолго. Но, не се каам. Во 2018 година ме назначија за в.д. директор на скопската ЗОО и искрено многу тешко се навикнав да станувам во 7 часот бидејќи 20 години си легнував во 4 наутро. Кога работиш таква работа, живееш друг живот, навидум лесен, но многу тежок. Менаџерството имаше и убави, но и лоши страни. Имаш сè, но немаш мир и приватност. Ама пак ќе кажам, не се каам. Улицата ме научи многу“, искрен е Галетановски.
Изминативе две години пандемијата им наштети многу и на ноќниот живот и на кафеџиите. Чомбе вели дека и тоа го погодило оти Скопје секогаш имал ноќен живот.
„Порано можеби беше поубаво, но верувам со отворање уште неколку убави локали и враќање на младите во земјата, ќе се врати и сјајот. Јас сум човек што сака да се дружи, а и ден-денес се дружам со истите другари со кои сум буквално од пет години. Се дружам и со оние од постарата генерација, кои некогаш го креираа ноќниот живот во Скопје. На пример, почнав да работам за Камењар и за Пеџа и тие ме научија на менаџерството. Со нив почнав. Но, работите секогаш се менуваат и тоа е животен тек. И денес сакам да седнам на кафе и искрено сите кафулиња што ги посетувам се на мои пријатели и сите ми се омилени“, раскажува Галетновски во „Репортер“ за времињата некогаш, но и за градскиот живот денес.
За овие четири години, откако е директор, за него се врзуваа секакви муабети – од оние дека одел во казино до прекршувањето на мерките кога отиде да навива на ракомет среде пандемија. Тој прилично е активен и на социјалните мрежи, влегува во дискусии, а оние што го познаваат велат дека е прилично искрен. Па, така и сега вели: „Нормално е да има и лоши коментари за мене, па не може сите да те фалат. А во казино сум бил, а и кој е тој што не бил? За ракометниот натпревар и фотографијата без маски, ќе кажам дека беше наше невнимание за кое плативме казни за прекршување на протоколите“.
Кога е во прашање Зоолошката, ни открива дека често знае да дојде тука ноќе сам и да пешачи низ неа.
„Тоа ме смирува, тоа е друг свет. Особено ноќе кога доаѓам, знам да пешачам сам низ зоолошката“, открива Галетнаовски, кој ни призна и дека и тој и целиот тим емотивно се врзуваат за животните.
„Па, јас и мојот тим направивме сѐ што можеме за да ја подигнеме Зоолошката и таа да биде на мапата за шетање на сите граѓани од Македонија, но и на многу странски туристи. Најважна ни беше хигиената, а после реновиравме и градевме живеалишта. Донесовме многу видови животни, кои денес живеат во подобри услови. Особено сите нѐ погоди смртта на жирафата, која се случи ненадејно. Тука е и приказната за мечето од Штип за кое најзаслужна е Тина, која е пиар на ЗОО и која заедно со една бугарска фондација се заложи и со големи напори успеавме да го спасиме, односно да го испратиме од Битола во зоолошката на Брижит Бардо“, раскажува Галетановски за „Репортер“.
На прашањето што ќе прави ако го сменат од функцијата, вели: Па, никој не е вечно на функција. Кога не би бил директор на зоолошката, би бил во некоја институција, каде што недостига тим- билдинг и менаџмент. Или би се вратил во приватниот сектор“, вели Чомбе.
Александра Георгиев