Пејачот Васил Гарванлиев јавно кажа дека е геј. Тој првпат искрено прозборе за својата сексуалност, и кажа откри дека на 16 години, преку писмо, ѝ го признал тоа на својата мајка. Од неа добил безусловна поддршка, за која вели дека му помогнала полесно да се справи со тоа што го чувствувал.
„Иако живееме во конзервативна земја, мојата мајка Јулија е многу модерна жена. Ми кажа дека знаела долго пред да ѝ признаам, што за мене беше шок, некој од Источна Европа да е толку отворен и свесен. Многу сум ѝ благодарен за тоа“, рече Васил за „Репортер“.
Гарванлиев претходно во интервју за британскиот магазин „Атитјуд“ раскажа дека неговата сексулана определба долго време била јавна тајна и меѓу роднините и меѓу пријателите. Иако повеќето претпоставувале дека е геј, никој јавно не зборувал за тоа.
„Мислам дека молчев до моите 27-28 години. Ќе дојдев во Македонија, и никој не зборуваше за тоа. Кога се женеше брат ми, на свадбата бев со мојот тогашен партнер, и тој седеше на масата покрај мене. Беше неверојатно бидејќи никој не коментираше јавно. Од друга страна, ни ние не викавме на глас дека сме заедно“, додава Васил и вели: „Кога се вратив да живеам во Македонија во 2018 година за да се фокусирам на кариерата, сфатив дека по после 20 години, јас пак ќе морам да молчам за тоа што сум.
Васил, кој ќе ја претставува Македонија на Евросонг, вели и дека тоа што е хомосексуалец е веројатно најмалку интересната работа за него. Но, вели дека сега, на 36 години решил дека ова е вистинскиот момент да сподели сѐ за себе „буквално да ги спуштам сите ѕидови и да бидам тоа што сум“
„Роден сум и пораснат во Македонија каде што дефинитивно не е во ред да се биде геј, или нешто од тоа. Повеќето членови на ЛГБТИ заедницата кај нас и денес се кријат. Секогаш кога ќе се вратев дома, на Балканот, во Македонија, чувствував потреба да ставам маска. Сочувствувам толку многу со сите кои живеат во страв од пресуда, дискриминација, неправда, малтретирање. Како уметници, ние сме одговорни да зборуваме вистината – особено ако сум ја пробал слободата, а сум го сторил тоа“, додава Васил.