Остатоците од големата кинеска ракета „Лонг Марч 5Б“ се очекува да паднат на Земјата денес или утре. Експертите и понатаму не знаат каде и кога точно ќе се случи тоа. Ракетата беше лансирана на 29 април од центарот за вселенски лансирања Венчанг во Кина и нејзината мисија беше да однесе во орбитата модул за идната кинеска вселенска станица.
Откако ја заврши мисијата, телото на ракетата сега кружи околу Земјата и наскоро ќе навлезе во пониската атмосфера. Неконтролираната природа на паѓањето предизвика загриженост кај експертите околу потенцијалниот удар кога ќе слета, бидејќи делот од ракетата кој ќе падне тежи 21 тон.
Американските научници од компанијата „Ероспејс корпорејшн“ сметаат дека ракетата треба да слета во недела во 06:19 часот по македонско време, но со отстапка од плус или минус 8 часа. Исто така, тие сметаат дека ракетата ќе падне близу Нов Зеланд, но додаваат дека слетувањето сепак може да биде каде било ширум планетата.