„Парите од продажбата на албумот се за болните од корона“, пејачката Александра Јанева по теркот на светските ѕвезди

„Парите од продажбата на албумот се за болните од корона“, пејачката Александра Јанева по теркот на светските ѕвезди

пред 3 години

Седум години откако се појави на музичката сцена, пејачката Александра Јанева го промовира нејзиниот прв албум „Срце отвори“. Албумот е со хуманитарен карактер и сите средства од продажбата, таа ќе ги донира за болните од ковид-19, на кои ќе им треба финансиска помош за лекување.

„Се надевам дека ќе добијам поддршка од сите мои слушатели, за заедно да помогнеме онаму каде што е најпотребно“, вели Александра за „Репортер“.

На албумот кој има 13 песни, работеше со некои од најреномираните македонски музичари, Огнен Неделковски, Ристо Самарџиев, Дојчин, Ѓорѓи Крстевски, Слаткар, Јана Бурческа и други. Со нив низ годините создаде хитови кои ѝ донесоа неколку награди, но во разговорот ни откри дека и понатаму ѝ е омилена првата песна што ја испеа, „Врати ми го срцето“.

„Во оваа песна веројатно цел живот одново ќе се вљубувам заради радоста што ми ја донесе на мои 18 години, но и заради чистата емоција што ја носи во себе и направи публиката да ја засака од прво слушање“, вели Јанева.

Албумот е готов веќе две години. Но откако ја снимила последната песна во студио, таа продолжила да снима нови песни, оти не била сигурна уште што сака да објави.

„Долго време се борев со своите апетити. Постојано барав нешто што музички и стилски ќе се вклопи во концептот на ‘Срце отвори’, а не сфаќав дека тоа е всушност крај на една убава седумгодишна приказна и почеток на нова ера во која созревам поинаку музички. Пандемијата само направи албумот да има поголемо значење за мене – да бидам искрена и отворена кон светот, затоа што споделувањето значи грижа за другите. Мислам дека светот ќе биде подобро место за живеење ако имаш со кого да ги споделиш среќните и тажните искуства“, вели таа.

На албумот се скоро сите песни од почетокот на нејзината кариера, со исклучок на неколку фестивалски, што се во поразличен стил.

„Кога го објавив ‘Срце отвори’ како сингл, тоа му даде смислата на албумот и на сè што сакав да кажам во него. Тоа е порака за мене, но и за слушателите, да го покажат вистинското лице пред светот, со сите свои убавини и недостатоци“, додава.

И додека ја чека официјалната промоција, Александра периодов не престана да се дружи со својата публика, па имаше неколку онлајн концерти. А на еден од нив пееше заедно со нејзината мајка.

„Уште не ми се верува дека таа се опушти и запеа со мене додека тоа одеше во живо преку социјлните мрежи. По 25 години од мојот живот, мајка ми реши да ми покаже дека талентот за пеење сепак сум го наследила од неа. Таа е многу срамежлива и самокритична личност и никогаш не би го направила тоа за да фасцинира некого, туку желбата да ми се придружи во пеењето ѝ дојде сосема природно, како и солзите на нејзиното лице кога завршивме. Сето тоа ми беше многу слатко и смешно во исто време“, искрена е Александра.

Андријана Јовановска

Share
Scroll to Top