На 54 години почина раперот Дејвид Џоликер, еден од основачите на популарното хип-хоп трио „Де ла соул“. Причината за смртта за сега не се знае, но музичарот претходните години во интервјуа зборуваше дека има проблеми со срцето.
Заедно со Келвин Мерсер и Винсент Ламонт Мејсон, Џоликер ја основаше популарната група во 1988. „Де ла соул“ се смета за група со најголемо влијание врз хип-хоп музиката на крајот на ’80-тите и почетокот на ’90-те години. Дебитантскиот албум на бендот, 3 Feet High and Rising, излезе во 1989 и се смета за еден од најдобрите во историјата на хип-хопот. Групата објави девет студиски албуми, од кои последниот во 2016 година.