Почина Љупчо Петрушевски, доајен на македонското глумиште

пред 3 години

На 75-годишна возраст ненадејно почина актерот Љупчо Петрушевски, доајен на македонското глумиште, соопшти Македонскиот народен театар (МНТ).

Петрушевски дипломира на отсекот за актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје, како дел од првата генерација дипломирани актери. Целиот работен век од 1966 година до пензионирањето го помина во МНТ. Во периодот од 1983 до 1988 година ја извршуваше функцијата директор на Драмата на МНТ, а 1988 до 1999 година е директор на МНТ. Повторно е директор на Драмата на МНТ во периодот од 2004 до 2006 година.

„Петрушевски беше неразделен дел од театарот и по пензионирање беше верен поддржувач и гледач на претставите на своите колеги. Секогаш ќе остане запомнет по маркантниот став и секогаш кога ќе се појавеше привлекуваше со внимание и посветеност. Беше неизмерно посветен на театарот“, велат од МНТ.

Иако настапуваше од 1967 до 1984 година, одигра голем број главни и споредни улоги. Тој ќе остане запаметен како директор на МНТ кој постојано се бореше театарот и преставите да стигнат што подалеку од матичната сцена и да го пронајдат својот пат до сите.

Првата улога во МНТ ја имаше во претставата „Случајот во Виши“ (1967). Препознатлив е по улога на Хоакин Муриета, главниот лик во „Славата и смртта на Хоакин Муриета“ (1976). Некои од позначајните улогите ми се Михаил Антонов во „Macedonishe Zustande (Мацедонише Цуштенде“ (1984), Витезот од Рипафрата во „Мирандолина“ (1985), Виќа во „Сомнително лице“ (1982), Пјер во „Граѓанинот благородник“ (1982), Владимир во „Габи“ (1982), Луков во „Житолуб“ (1981), Ѓорѓија во „Милион маченици“ (1980), Непознатиот во „Сојтарии“ (1979), Чорниј Вашил во „Кенгурски скок“ (1979)…

Петрушевски ќе остане запаметен и по филмските и телевизиски улоги меѓу кои „Скопски сновиденија“ (1988), „Ѕвездите на 42-та“ (1987), „Климент Охридски“ (1986), „Сомнително лице“ (1985), „Трговецот од Солун“ (1985), „Од зад грб“ (1985), „Нели ти реков“ (1984), „Лет во место“ (1984), „Едно лето“ (1982), „Наши години“ (1979), Сослушувањето на железничарот (1976), Прва вечер (1975), Вујковиотсон (1970) и Маљва (1969)…

Share
Scroll to Top