Кано Кристалес е река во Колумбија која претставува вистински природен феномен. Луѓето ја нарекуваат со разни имиња: „Река во пет бои“, „Течно виножито“, „Река избегана од рајот“ и, секако, „Најубавата река на светот“.
Реката не престанува да го воодушевува локалното население, но и туристите од целиот свет, кои доаѓаат да ја видат и да се уверат во нејзината убавина. Таа е специфична по тоа што во исто време е и жолта, и зелена, и сина, и црна, но најмногу црвена, а боите се менуваат поради растението што се наоѓа на нејзиното дно.
Интересно е тоа што во поголемиот дел од годината таа воопшто не се разликува од која било друга река во светот – многу камења прекриени со мов додека таа еднолично тече по своето течение. Но, на крајот на дождовната сезона и пред почетокот на летото таа како да оживува и експлодира со стотици нијанси, бои, кои изгледаат неверојатно.
Од 2009 година таа е цел на туристите, кои исклучиво за неа доаѓаат во Колумбија.