Стефан, синот на Новак Ѓоковиќ, на 7 години го освои првиот тениски турнир. Тој победи на мини-турнирот што викендов го организираше школата за тенис каде што тренира. Дека Стефан е победник, Новак дозна откако вчера го освои турнирот во Рим.
„Стефан викендов го играше неговиот прв турнир и јас сега дознав дека победил. Ова е двоен успех за нас. Добро, станува збор за мини-турнир во рамките на клубот и не значи тоа многу од натпреварувачки аспект, резултатот е навистина на второ место, но мене ми е убаво што го гледам дека сака да игра тенис. Деновиве разговаравме за некои рутини, работи што треба да ги направи пред натпреварот. На некој начин, го воведував во овој свет и ми беше забавно да ги гледам неговите реакции. Првиот официјален натпревар или турнир засекогаш остануваат во сеќавање и затоа сакав да ужива на теренот“, рекол Новак на прес-конференцијата.
Најдобриот светски тенисер вчера шести пат во кариерата го освои турнирот во Рим, а претходниот ден ја постигна својата илјадита победа.