Со студија и три метри под нивото на Вардар, зградата на МРТВ беше меѓу најубавите во Југославија

Со студија и три метри под нивото на Вардар, зградата на МРТВ беше меѓу најубавите во Југославија

пред 3 години

Зградата на Македонската радио телевизија, која се наоѓа близу брегот на реката Вардар, е едно од главните обележја на Скопје од почетокот на ’80-те години. Оваа градба важеше една од најубавите во поранешна Југославија. Зградата на 19 ката е висока 90 метри и претставува маркантно архитектонско здание. Неколку студија се изградени под земја, околу три метри под нивото на Вардар, што ја прави оваа градба уникатна. Проектирана е три години, а за нејзината изградба биле потребни осум години.

Зградата на МРТВ и денес е една од највисоките градби во градот. Идејните и архитектонски решенија за оваа зградат се правени уште во 1970те години, а врз основа на технологијата што постоела во тоа време.

Потребата да се изгради нов објект на националната телевизија се појавила по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој се урнал и тогашниот објект на Радио Скопје. Во тоа време сите екипи се преселиле и емитувале програма од шатори и од бараки во Нерези.

Кога се правел новиот план за изгрдаба и модернизација на градот, телевизијата добила одлична локација за објектот. Формирана е експертска група, составена од инженерите Кирил Ацевски, Кирил Петровски и Крсто Ристовски, кои го изработиле идејниот проект за зградата. Тие се консултирале во неколку големи европски ТВ-куќи и од сите добиле позитивно мислење за изгледот на новиот објект. Врз основа на тој концепт, проектантското биро на „Бетон“ го изработи главниот проект. Одговорни проектанти биле Кирил Ацевски, Нако Манов и Харалампие Јосифовски.

Проектирањето траело од 1971 до 1974 година, а откако било завршено, почнала изградбата на тогаш највисоката зграда во Скопје, но и највисока телевизиска куќа на Балканот.

Архитектите ја опишуваат оваа градба како современ објект со висечки фасади од стакло и мермер и од алуминиум. Граден е според сите технички стандарди и прописи. Откако се изградила армирано-бетонската конструкција, врз неа се извршил тест за издржливост на земјотреси.

Целиот објект е составен од четири блока: музички и радиостудија, драмски и телевизиски студија и кулата од 90 метри како административен објект. Во зградата има и 14 други студија. Телевизиските студија се со површина од 400 квадратни метри, а околу нив има повеќе помошни простории: шминкерници, гардероби, простории за одмор, монатжа, режија и слично. Во едно од музичките студија можат да се сместат оркестар и хор, составени од 120 луѓе и 50 луѓе публика. Два ката од објектот се проектирани за кинотеката.

Музичките студија во МРТВ се градени 11 метри под земја и достигаат три метри под нивото на Вардар. Имаат по три пода и по три ѕида и големи акустични врати, тешки по четири тона, колку што тежат и светлата.

Денес, ентериерот и екстериерот се застарени, на зградата ѝ е потребно и надворешно и внатрешно реновирање, велат архитектите. Веќе неколку години голем дел од просторот се користи за други намени, како канцеларии и простории за институции кои немаат врска со телевизија.

Share
Scroll to Top