Полицијата утрово го приведе македонскиот пејач Ламбе Алабаковски, кој е осомничен дека го подметнал пожарот во бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола. Редакцијата на „Репортер“ го побара пејачот за изјава, но до сега нема одговор.
var ai_script = document.getElementsByClassName (‘ai-viewports’); ai_insert_viewport (ai_script [ai_script.length – 1]);
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на неговиот фејсбук-профил напиша дека лицето осомничено за подметнивањето на пожарот е уапсено и го признал делото.
„Со задоволство можам да обзнанам брза и ефективна разрешница на случајот од пред три дена за пожарот во во Битола, кој е веќе расчистен. Се работеше деноноќно да се изнајде сторителот, се земаа предвид сите докази, а по извршените службени разговори во изминатите денови, вчеравечер, со судска наредба, беше извршен претрес на две локации кои ги користи Л.А.(34) од Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело, по што лицето е лишено од слобода“, напиша Спасовски и додаде дека со ова полицијата уште еднаш покажала дека се бори да го сузбие криминалот.
„И во овој сегмент нема ‘пардон’, нема заштитени лица, сите се еднакви пред лицето на законот, а секој којшто се огрешил мора да одговара“, напиша Спасовски.
Влезната врата на бугарскиот клуб во Битола и натписот Ванчо Михајлов беа запалени во саботата утрото в очи работната средба на бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска со колегата од Македонија, Бујар Османи во Скопје. Генчовска при посетата на Битола рече дека верува оти македонските служби брзо ќе го расчистат случајот и ќе го откријат сторителот.
По средбата со началникот на битолската полиција, Генчовска кажа дека ја видела снимката од инцидентот и на неа се гледало како човек пристигнува со велосипед и со туба со запалива течност ја полива вратата.






