Британската музичка ѕвезда Хари Стајлс постави нов Гинисов рекорд, откако стана изведувачот со најмногу последователни концерти на стадионот „Вембли“ во Лондон. Со 12 распродадени настапи, тој го надмина претходниот рекорд на групата Coldplay, која во 2025 година одржа 10 последователни концерти на истиот стадион.
Веста ја потврди Би-Би-Си, а претставникот на Гинисовата книга на рекорди, Вил Манфорд, истакна дека успехот на Стајлс е доказ за неговото огромно културно влијание и силната поврзаност со публиката.
„Рекордното издание на Хари Стајлс од 12 настапи е доказ за обемот, амбицијата и културното влијание на неговите настапи во живо, како и неговата извонредна поврзаност со публиката“, изјави Манфорд.
32-годишниот пејач ја започна лондонската етапа од турнејата „Together, Together“ на 12 јуни, а последниот концерт се одржа во саботата пред околу 80.000 посетители.
За време на завршниот настап, Стајлс емотивно се наврати на своите почетоци во групата One Direction, истакнувајќи дека никогаш немало да стигне до оваа сцена без своите поранешни колеги.
„Немаше да бидам на оваа сцена ако не беа четворица мои пријатели кои беа голем дел од ова патување“, изјави тој, упатувајќи благодарност до Ниал Хоран, Луис Томлинсон, Зејн Малик и покојниот Лиам Пејн за пријателството и искуствата што ги споделиле.
One Direction беше формирана во 2010 година во британското музичко шоу „The X Factor“, а членовите на бендот тргнаа по свои патишта во 2016 година. Лиам Пејн почина во 2024 година, на 31-годишна возраст.
Стајлс потсети и дека поминале 16 години откако првпат се појавил на сцената на „The X Factor“, токму на „Вембли“, каде што, како што рече, неговиот живот засекогаш се променил.
По паузата на One Direction, во 2017 година ја започна својата успешна соло кариера. Досега има освоено шест Brit Awards, три Греми награди и две награди Ivor Novello. Неговиот четврти студиски албум „Kiss All The Time. Disco, Occupationally“ беше објавен во јануари годинава.
Во чест на новиот рекорд, стадионот „Вембли“ постави специјален комеморативен транспарент со пораката: „Дванаесет концерти. Еден рекорд. Место во историјата на Вембли“.
Првично биле планирани шест концерти во Лондон, но поради огромниот интерес бројот на настапите бил зголемен на 12. Турнејата во Велика Британија е ограничена само на Лондон, без концерти во други британски градови.
Меѓу изведувачите со најмногу последователни концерти на „Вембли“ е и Тејлор Свифт, која во 2024 година настапи осум вечери по ред.
По завршувањето на рекордната серија концерти, мајката на Хари Стајлс, Ен Твист, сподели фотографии од неговото детство и од настапот на „Вембли“, откривајќи дека уште во 1996 година верувала дека нејзиниот син еден ден ќе биде на големата сцена, иако тогаш не можела да замисли дека ќе испишува историја и ќе поставува светски рекорди.
По лондонските концерти, Стајлс ќе ја продолжи турнејата со настапи во Бразил, Мексико и САД, а финалето е закажано за декември во Австралија.




