Пролетта во 1996 година во скопската киносала „Центар“ се одржа премиерата на урбаната трагикомедија „Самуништување“ на Ербил Алтанај, чиј сценарист е Сашко Насев, а главната улога ја толкува Јовица Михајловски. Покрај него, се појавуваат и актерите Катерина Коцевска, Благоја Чоревски, Тони Михајловски. А по 25 години, сè уште се паметат и цитираат репликите како „Носи ја на ќебапи, нек се осеќа ко кинеска краљица“ на Јовица Михајловски, но и „Ќе си земам жена Французинка, да ми пее на шпански“ или „Еее, лепото византиска непролазна.
Главната тема во филмот е распаѓањето на семејството. Но пред сè, тоа е семејна морална драма која се одвива во едно скопско предградие. Тој ја следи приказната за такстистот Куплунг, човек без морални вредности, силеџија и љубовџија, без никаква почит кон сопругата Стојна, која работи во фабрика. Покрај сопругата, го малтретира и неговиот син, студентот Цоле. Сепак, тој чувствува љубов единствено кој неговата љубовница Шила, кафеанска пејачка, која се мажи за полицискиот инспектор, брат на Стојна.
„Самуништување“ е проект на приватната продуцентска куќа „Нова продукција – Скопје“ на Јовица Михајловски, Георги Симеонов и Сашко Насев, која беше формирана токму за овој филм. Филмот е работен според сценариото на Насев, насловено како „„Прирачник за самоуништување“. А покрај ова дело, тој ги има создадено и драмите „Чија си“, „Грев или шприцер“ и „Женски оркестар“ .
Од друга страна, ова е дебитанскиот долгометражен игран филм на турскиот режисер Ербил Алтанај. Тој е еден од најзначајните филмски автори во турската кинематографија на преминот на двата века. Тој се преселил Скопје по воениот пуч во Турција во 1980 година, а повторно се вратил во Инстанбул со сопругата кон крајот на првата деценија на 21 век. Пред „Самуништување“ режирал десетици епизоди од ТВ серијата „Македонски народни приказни“, а во 2004 во Турција го режираше филмот „Во моето богатство има убава девојка“. Благодарение на него и копродуцентите на филмот, „Самуништување“ во 1997 доби и надсинхронизирана верзија на турски јазик насловена како „Прирачник за самоубиство“, за дистрибуција и киноприкажување во Турција.