Анџелина Џоли доби мурал во Милано за поддршка на жените во борба против ракот на дојка

Анџелина Џоли доби мурал во Милано за поддршка на жените во борба против ракот на дојка

пред 2 години

По повод месецот на ракот на дојката, со цел да се подигне свеста за важноста на превенцијата, но и да се даде поддршка на жените кои боледуваат, се појави мурал на уметникот за улична уметност Александар Паломбо на еден од главните плоштади во Милано.

Наречен „Сакај се себеси“, овој мурал со ликот на актерката Анџелина Џоли со голи гради и со лузни од мастектомија, според самиот уметник, е форма на поддршка за сите жени во борбата против оваа злобна болест.

За потсетување, оваа холивудска ѕвезда во 2013 година во отворено писмо објавено во „Њујорк тајмс“ откри дека била подложена на радикални операции за отстранување и на градите и на јајчниците заради превенција.

„Мајка ми почина на 56 години по десетгодишна борба со тумор на дојка. Докторите процениле дека имам 87 проценти шанси да добијам тумор на дојка, а 50 проценти од тумор на јајчниците. Кога сфатив дека тоа е мојата реалност, решив да бидам проактивна и да го намалам ризикот што е можно повеќе“, изјавила  Анџелина Џоли.

Според Светската здравствена организација, ракот на дојката е водечка малигна болест кај женската популација во светот и ги погодува подеднакво развиените и неразвиените земји.

Последните објавени податоци покажуваат дека во светот се регистрирани повеќе од два милиони новодијагностицирани случаи, додека од истата болест годишно умираат повеќе од половина милион жени.

Share
Scroll to Top