(Видео) Најстарите чевли во Европа се откриени во пештера во Шпанија

(Видео) Најстарите чевли во Европа се откриени во пештера во Шпанија

пред 1 година

Најстарите чевли во Европа се откриени во пештера во Шпанија. Научниците кои ги откриле тврдат дека биле исткаени од трева и дека се стари околу 6000 години. Биле најдени покрај големиот број антички предмети кои биле украдени од рудари во 19 век пишува „Би-би-си“.

Ниската влажност и студените ветрови во пештерата ги направиле невообичаено добро сочувани. Коавторката на студијата Марија Хереро Отал рече дека предметите се најстариот и најдобро зачуваниот збир на материјали од растителни влакна во јужна Европа досега познат.

„Документираната технолошка разновидност и третман на суровините ја истакнуваат вештината на праисториските заедници“, рече Марија.

Новите техники за датирање покажале дека колекцијата од 76 предмети пронајдени во пештерата е околу 2.000 години постара отколку што се мислеше.

Некои предмети во комплетот датираат од пред 9.000 години. Анализираните сандали користеле различни видови трева, но и други материјали во својата структура, истакнуваат истражувачите. Тие датираат од неолитскиот период, што ги прави постари од кожните чевли стари 5.500 години, откриени во една пештера во Ерменија во 2008 година.

Пештерата во која се пронајдени сандалите стари 6.000 години се вика „Cueva de los Murciélagos“ или „Пештера на лилјаците“, а се наоѓа во Андалузија, на југозапад од Шпанија. Според истражувачите на оваа студија, до пештерата првпат пристапил во 1831 година земјопоседник кој собирал измет од лилјаци, корисни за правење ѓубриво.

Помалку од две децении подоцна, го користеле рударите кои откриле галерија во која се наоѓале делумно мумифицирани трупови, корпи, дрвено оружје, а меѓу другото, и заби од диви свињи и уникатна златна дијадема.

Share
Scroll to Top