Ана Антовска, која по професија е магистриран клинички нутриционист, го објави својот прв роман насловен „Совршен допир“.
Четиво кое релаксира и кое може да се прочита во еден здив додека сте на одмор и кое придонесува за комплетно опуштање. Ана во интервју за „Репортер“ вели дека тоа било и нејзината цел, да создаде дело кое цело време ќе држи тензија, нема да оптовари и книга која не може да се остави сè додека не се прочита.
По речиси еден месец од промоцијата на книгата, Ана е задоволна од впечатоците на читателите бидејќи споделуваат убави емоции и изненадена е од заинтересираноста за романот, која не стивнува.
Ана Антовска по природа е ведра личност, прилично духовита која секогаш гледа на позитивната страна на нештата без разлика на тешкотиите со кои се соочува.
„Сметам дека сум лојален пријател, полна љубов кон сите коишто ми се блиски. Посветена во работата, бидејќи имам професија којашто комплетно ме исполнува. Нутриционизмот е мојата љубов, во која се давам безрезервно себеси, а сите оние кои ми укажале доверба, го чувствуваат тоа. Грижата за другите многу ме исполнува, којашто посебно е потенцирана преку работата и соработката со луѓе на кои им е потребна мојата помош, без разлика дали се работи за редукција на телесната тежина или подобрување на нивната здравствена состојба“, вели Антовска.
Поттикот да почне да пишува книга била монотонијата со која се соочила во време на пандемијата. А преку пишувањето на романот успеала да ги канализира креативноста и емоциите.
„Тоа беше начин со којшто придонесов во исполнувањето на слободното време. Така најлесно ѝ пркосев на изолираноста и на празнината која ми се наметна во тој период“, вели нутриционистката.
„Совршен допир“ раскажува приказна за една млада жена којашто настојува да продолжи со животот откако истиот ја жигосува, нанесувајќи ѝ голем удар во минатото. Работи како успешна архитектка во престижна архитектонска компанија, каде што сретнува импресивен маж кој ѝ го задржува вниманието повеќе од што сака. И тој не е воопшто рамнодушен кон неа, но со самиот факт дека е свршен за друга девојка, внатрешната борба на двајцата да останат подалеку еден од друг комплетно ги окупира. Но, дали ќе успеат во тоа? Таа добива професионален ангажман во Италија, а тоа добро ѝ доаѓа за да побегне што подалеку од него, бидејќи не е жена која сака да се меша во туѓ живот. Но, престојот во Италија ѝ носи голем пресврт.
„Овој роман е фикција. Нема ниту една случка ниту пак лик кои се вистинити. Сé се должи на мојата фантазија. Но, има еден мал дел кој се однесува на тајната на главниот лик, кој претставува емоционална автобиографија. Потенцирам само емоциите, но не и начинот на кој сето тоа е претставено во книгата“, раскажа Ана Антовска.
Возбудена и поласкана е што читателите го споделиле доживувањето откако го прочитале романот. Остава простор за продолжение на книгата, но од нејзино лично читателско искуство смета дека секое продолжение на роман е бледа копија на првата книга. Затоа одлучила да не пишува продолжение.
Романот нема таргет група за кој е наменет. Сите оние коишто сакаат да читаат романси, драми, мистерии, ќе го доживеат мојот роман како соодветно четиво за нивниот вкус.
„Претежно го читаат жени, но ме изненади бројот и на мажи кои го прочитале и чии критики се повеќе од позитивни“, раскажува Ана.
Издавањето книга не е едноставен процес, но не почувствувала никаков проблем при издавањето, бидејќи имала огромна поддршка од нејзината издавачка куќа „Сакам книги“, како и од уредничката Ивана Спасев, и целиот тим.
Габриела Додевска