Оперската ѕвезда Пласидо Доминго се соочува со нови обвинувања за сексуално вознемирување. Последно во низата обвиненија стигна од шпанска колешка, која во телевизиска прогама која се емитуваше во неделата рече дека ја допирал и бакнувал без нејзина дозвола.
Последен пат со слични вакви обвинувања Доминго се соочи пред три години. Во рамки на истрагата од 2020 година, голем број пејачи, танчери, музичари, професори по музика, гардероберки и кројачки, сведочеа дека биле сексуално вознемирени од однесувањето на Доминго во изминатите 30 години.

Пејачот во ниту еден случај не призна вина. Најновите обвинувања ги изнесе негова колешка во програмата на шпанскиот телевизиски канал La Sexta. Нејзиниот идентитет не е откриен за да биде заштитена, а на телевизија се слушаше само нејзиниот глас, додека лицето ѝ беше замаглено.
Рече дека на почетокот на 21 век, Доминго по една од нивните проби, се обидел непримерно да ја допира, а во друг случај се обидел да ја бакне, иако јасно му дала до знаење и му се спротиставила.
„Една од првите работи што ти ја кажуваат во нашите кругови е да не влегуваш сама во лифт со Пласидо Доминго“, рече жената за La Sextu.









