„Ројтерс“: Несогласувања во правниот тим на Трамп, некои од застапниците се повлекле

пред 4 години

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп нагло ја прекина соработката со двајца клучни правни застапници, кои претходно ги ангажирал да го бранат на судењето за отповикување во Сенатот, со што практично ја уништи одбранбената стратегија на неговиот правен тим, наведува „Ројтерс“.

Повикувајќи се на добро информиран извор запознат со ситуацијата, агенцијата известува дека Бач Бауерс и Дебора Бербери, адвокати од Јужна Каролина, во договор со Трамп, го напуштиле правниот тим, заедно со уште тројца други бранители.

„Ројтерс“ од друг извор во случајот дознава дека до разидувањето дошло поради несогласувања околу стратегијата за одбрана меѓу Трамп и Бауерс, бидејќи поранешниот претседател и натаму инсистира на тоа дека бил жртва на масовна изборна измама на последните претседателски избори.

„Напорите на демократите да отповикаат претседател кој веќе го заврши својот мандат се целосно неуставни и се многу лоши за САД. Четириесет и пет сенатори веќе се изјаснија дека тоа е неуставно“, изјави блискиот соработник на Трамп, Џејсон Милер.

Сенатот закажа расправа за отповикување на Доналд Трамп за почетокот на февруари и иако му истече мандатот, одлуката на сенаторите против поранешниот претседател може да ги доведе во прашање неговите идни политички активности и можната кандидатура за следните претседателски избори.

Share
Scroll to Top