На 10 и 11 септември на сцената на Долни Сарај ќе се одржи 28. издание на фестивалот „Охрид фест – Охридски трубадури 2021“.
Годинава фестивалот ќе има две вечери, фолк и интернационална. Организаторот на фестивалот, Григор Копров, вели дека нема да ја прекинат традицијата, особено што фестивалот, во малку поинакво издание се одржа и лани.
„Лани и покрај неизвесноста со пандемијата, го одржавме фестивалот, на што сме особено горди. Продолжуваме каде што застанавме, очекуваме квалитетни песни кои ја следат трубадурската традиција, но и многу добри поп-композиции и атрактивни гости на Интернационалната вечер“, вели Копров.
На фолк вечерта ќе настапат Благица Павловска, дуетот Баже Груевски и Сани, Ирена Спасовска, Барбара, „Скопски боеми“, Петар Нечовски, „Соната“, Нино Величковски, Петар Христов, групата „Лихнида“ и многу други. На фестивалот ќе пеар и „Нокаут“, Ристо Самарџиев, Александар Јосифовски, Димитар Андоновски, Филип Јордановски, а организаторите најавуваат и многу музички изненадувања на Интернационалната вечер.
Годинава „Охрид фест“ ќе им посвети посебно внимание на дебитантите што ќе ја започнат својата музичка кариера на фестивалот.