Расте бројот на загинати во торнадата во Кентаки

пред 3 години

Бројот на жртвите од серијата катастрофални торнада во американската сојузна држава Кентаки се зголеми на 74.

Најмалку 14 луѓе загинаа во четири други држави – Илиноис, Арканзас, Мисури и Тенеси. Шест деца се меѓу жртвите во Кентаки, јавува „Ројтерс“.

Речиси 110 луѓе се водат како исчезнати. Спасувачките тимови сè уште ги пребаруваат урнатините во областите во шест држави каде што во петокот ечеа серија торнада. Сегашниот биланс на загинати е помал отколку што се стравуваше, иако гувернерот на Кентаки Енди Башир предупредува дека конечниот биланс може да биде поголем. Тој рече дека жртвите биле на возраст од пет месеци до 86 години.

Илјадници луѓе се без струја, вода и парно на екстремно ниски температури, а речиси илјада куќи се оштетени или уништени. Магацинот на „Амазон“ е уништен во невреме во Едвардсвил, Илиноис. Загинаа најмалку шест лица, а можно е бројката да биде и поголема. Торнадото погоди и дом за стари лица во Моне во Акранзас, јавува „Гласот на Америка“.

Американскиот претседател Џо Бајден прогласи вонредна состојба во погодените земји и нареди парите од федералниот буџет да се пренасочат за да се помогне во санирањето на штетите.

„Трагедија. Се уште не знаеме колку животи се загубени и степенот на штетата“, рече американскиот претседател.

Бајден нагласи дека Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА) истражува дали торнадата се предизвикани од климатските промени.

Share
Scroll to Top