„Градската власт на ДПМНЕ и Арсовска ја оставија Универзална да се распаѓа, реконструираниот дел е неоштетен од пожарот“, велат од СДСМ

Универзална изгоре, а политичките партии продолжија меѓусебно да се обвинуваат за пожарот и случувањата во минатите години

пред 9 месеци

По вчерашниот пожар во Универзалната сала, политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и утрово продолжија со меѓусебни обвинувања.

Така, од СДСМ, преку соопштение велат дека опозициската партија ја оставила Универзална да се распаѓа, а Скопје е пример за нивните нереализирани ветувања.

Од СДСМ истакнуваат: ДПМНЕ ја остави Универзална сала да се распаѓа, иако беше започнат процесот за реконструкција од страна на претходната локална власт на СДСМ.

Понатаму се додава дека култниот објект и симбол на Скопје, две години ВМРО-ДПМНЕ го оставиле на забот на времето, да пропаѓа и од внатре и од надвор, па дури и предавањето на реконструкцијата на Универзална сала на Министерството за култура им било проблем.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинува дека експремиерот Димитар Ковачевски и министерката за култура Бисера Костадиновска не кажуваат дали фирмата која што е  ангажирана за извршување на градежните активности е блиска до врвот на нивната партија.

Партијата бара одговор и за тоа какви материјали се вградувани, дали е градено според стандарди.

Пожарот вчера целосно ја зафати покривната конструкција на салата, а МВР објави дека се приведени тројца градежни работници кои во моментот на опожарувањето изведувале градежни работи.

Засега нема официјални информации што го предизвикало пожарот.

Текстот Универзална изгоре, а политичките партии продолжија меѓусебно да се обвинуваат за пожарот и случувањата во минатите години е превземен од МАКФАКС.