Јани-Петери Паси е добитник на „Златна камера 300“ на „Браќа Манаки“

пред 3 години

И покрај сите препреки и предизвици со кои се соочивме во изминативе неколку месеци, вечерва можам конечно да кажам и покрај се успеавме да ја продолжиме магијата и да ја отсонуваме нашата приказна до розов хепиенд. Искрено би сакал да ви заблагодарам вам за тоа. Зошто се чини дека токму со доаѓањето во вашето и наше пристаниште Битола, како да запреа сите бури коишто дотогаш жестоко ни се закануваа и му се закануваа на нашиот фестивалски брод. По 16 септември нашата пловидба одеднаш стана мирна и потоа со вас, битолската публика, со вашите и наши прекрасни лауреати и со извонредниот меѓународен жири поминавме шест беспрекорни денови во Битола. Имавме извонредни натпреварувачки програми, одржавме три филмски работилници, имавме исклучителни шест прес-конференции и неколку млади девојки и момчиња имаа можност да научат како да снимаат филм за првпат во животот, една група деца имаше можност да види интересен детски филм. И за сто тоа време не се случи никаков технички проблем или прекин, рече директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Мони Дамевски.

На шега во тој момент во салата се исклучи струјата и микрофоните не работеа, а директорот рече дека некој од неговиот тим му рекол дека Кан, Берлин и Венеција можат да ни позавидат, на што публиката реагираше со громогласна смеа и голем аплауз.

-Ништо не може да не запре, и покрај се, ние ќе продолжиме, рече на крајот Дамевски.

Добитниците на наградите ги соопштија членовите на жирито. Претседателот на жирито, Суки Меденчевиќ од името на комисијата се заблагодари за гостопримството и за честа што ни им била дадена да ги изберат победниците на 42. Издание на ИФФК „Браќа Манаки“.

-Секогаш работата на жирито е тешка. Никој не вели дека е тоа лесна работа затоа што да се донесе таква одлука е навистина тешко, но истовремено претставуваше задоволство затоа што имавме можност да погледнеме исклучителни филмови и одлучувачки беа нијансите, рече Меденчевиќ.

Добитникот на наградата „Мала камера 300“ за краток филм го соопшти Соња Просенц.

-Почестена сум што ќе го соопштам добитникот на оваа награда. Чест ми е што ќе и ја доделма наградата на една млада кинематограферка затоа што на повеќето во медиумскиот свет ни е јасно дека многу често на жените кои се занимаваат со оваа професија повеќе шанси им се дава кога станува збор за краткометражни филмови, додека потешките задачи се резервирани често за нашите колеги мажи. Но, мило ми е дека фестивалот „Браќа Манаки“ веќе открил и наградил повеќе кинематограферки и чест ми е да ја најавам наградата „Мала камера 300“ за краткометражен филм која и се доделува на кинематограферката Жоана Силва Фернандеж за филмот „Низ маглата“ за смелото, интуитивно, но истовремено минималистичко користење на визуелното раскажување, рече Просенц.

Заблагодарувајќи се за наградата со видеопорака, Жоана упати благодарност и до режисерот Диого Салгадо за можноста неговата приказна да ја раскаже таа преку слики.

-Навистина сум почестена и среќна што ми е доделена оваа награда токму на фестивалот каде се слави работата на кинематограферите. Снимањето на филмот беше интересен процес како на некое патување. Благодарам на фестивалот „Браќа Манаки“ и се надевам дека ќе се видиме следната година, рече Силва.

Димо Попов рече дека филмовите се одраз на реалноста во која живееме, во време кое е по малку чудно, по малку запрепастувачко исто како и оние фотографии на браќата Манаки кои ги гледаме кога влегуваме во антрето на кино салата. Чудна трансформација доживува реалноста додека поминува низ објективот, чудни бои, чудни форми и чудни приказни.

-Заради бруталниот контраст меѓу вознемирувачката дистописка приказна и нејзиниот високо естетизиран визуелен стил одлучивме „Бронзената камера 300“ да ја добие кинематограферот Рубен Импенс за филмот „Титаниум“, соопшти Попов.

-Ви благодарам за оваа неверојатна награда. Многу сум среќен, му благодарам на жирито што ја препозна и награди мојата работа. Жалам што ме успеав да дојдам во Битола, и благодарам и на Џулија која беше прекрасен партнер во правењето на филмот. Многу сум среќен што ја цените нашата работа и ви посакувам убава вечер на сите, рече во видео-порака Импенс.

Филип Бергсон рече дека мотото на фестивалот беше „И покрај се“ најмногу се однесува на пандемијата која ни предизвика навистина големи проблеми и заблагодари на директорот на фестивалот и на тимот на фестивалот затоа што, како што рече „и покрај се направија чудо и успеаја оваа година да се одржи ИФФк „Браќа Манаки“.

-За деликатната камера што не приближува до ликовите кои се добро позиционирани во урбаниот пејсаз на Осло, „Сребрената камера 300“ се доделува на Каспер Туксен за филмот „Најлошата личност на светот“, соопшти Бергсон.

Заблагодарувајќи се за признанието со видео-порака, Туксен рече дека целиот тим има заслуга за овој успех.

-Му благодарам на жирито, на Јоаким Трир, режисерот на филмот, беше задоволство да се работи на овој филм. Ова многу ми значи и од срце им се заблагодарувам посединечно на сите кои работеа на овој филм, рече Туксен.

На ова се надоврза претседателот на жирито, кој го соопшти добитникот на наградата „Златна камера 300“.

-Многу е убаво кога може да се види како самите кинематографери признаваат дека рабитите се дел од тимски напор и дека кинематограферот е налик на диригент кој го раководи оркестарот и дава ритам. Да се биде член на жири е и доста интимна работа затоа што сите цениме различни нивоа и тоа ја прави одлуката тешка, но во овој случај одлуката ни беше лесна на сите пет члена на жирито. За деликатниот и осетлив начин на која камерата ја понесува публиката на лудото патување на хероината од Москва до смрзнатиот север, жирито ја додели наградата „Златна камера 300“ на кинематограферот Јани-Петери Паси за филмот „Купе број 6“, соопшти Меденчевиќ.

Лауреатот Јани-Петери Паси исто така во видео-порака рече дека иако веќе ја има добиена оваа награда толку многу се возбудил која му било соопштено што се разбудил среде ноќ и останал буден до изутрината.

-Благодарам Битола, за жал не можев да бидам таму оваа година. Беше големо изненадување за мене, истовремено чест да се добие повторно ова големо признание. Толку многу бев возбуден што се разбудив среде ноќ и останав буден. Голема чест е да се биде награден на фестивал посветен на кинематограферите, се надевам ќе се видиме следната година, рече Паси.

Селекторот на долгометражните филмови, Слаѓан Пенев ја најави проекцијата на филмот „Титаниум“ во режија на Џилија Дукурно и наградениот кинематографер-Рубен Импенс.

Share
Scroll to Top