„Првото прашање до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е во врска со набавката на новата опрема за следење на комуникациите, односно за следење на податочниот сообраќај или за следење на мобилниот сообраќај. Прашањето доби можност да се постави сега, со оглед на изнесеното на собраниската Комисија за избори и именувања пред некој ден, што целокупната македонска јавност имаше можност да го види и чуе“, истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, на денешната собраниска седница за поставување пратенички прашања.
Тој посочи дека станува збор за систем со кој се овозможува и се дава можност да се има пристап на целокупниот интернет-сообраќај што се одвива во државава, и тоа на кој било уред, преку кој било оператор.
„Во интерес на јавноста секако, а од информациите што имавме можност да ги чуеме, станува збор за систем за следење комуникации преку кој имате можност за пристап до буквално целиот интернет-сообраќај на кој уред, телефон, оператор, без разлика дали тоа е приватно или службено во државава, како и можност за пристап до кој било уред, односно телефон со т.н. малициозен софтвер“, рече Јанушев.
Неговото прашање до Спасовски е за тоа дали МВР има издадено одобрение за ова не мега, туку ултра скандалозна набавка?
„Ова е од особена важност затоа што има сериозни индиции дека сте запознаени со предметот на набавката и сте имале увид во техничката спецификација, а наводно сте биле и лично брифиран за ова на состанок“, вели Јанушев.
Тој продолжи и истакна дека ќе постави и дополнително потпрашање.
„Дали МВР и вие како министер постапивте во согласност со член 62 од Законот за следење на комуникациите и извршивте контрола над спроведувањето контрола на одредбата од членот 2, што е во ваша изричита надлежност?“, запраша Јанушев.
Пратеникот Игор Јанушев неговото второ прашање го упати до Ковачевски.
„Дали, Ковачевски, знаете за случајот во кој директорот на АНБ во периодот на октомври годинава со возило дадено на користење од СОЗР кај Неум во Хрватска учествувал во сообраќајна незгода, и тоа со амбулантно возило, пти што возилото во кое се возел Зарко Милошевски било виновно и платило казна, дали е тоа според законот, дали тајната полиција во државата треба да патува со возило дадено од службите од Владата и зошто ова се прикрива? Дали посетата на директорот на АНБ била службена?“, запраша Јанушев.
Тој посочи дека се шпекулира, односно дека станува збор за приватно патување, па морало да се кријат и да патуваат со друго возило. Јанушев го потсети Ковачевски дека во Хрватска пред еден месец за сличен случај премиерот разреши министер.
Текстот Јанушев до Спасовски: Дали МВР има издадено одобрение за ултра скандалозната набавка за системот со кој се овозможува следење на комуникациите на кој било телефонски уред? е превземен од МАКФАКС.