Во Брисел, Самит на претседателите на парламентите на Западен Балкан

пред 3 години

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска и утре, по покана на претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, ќе учествува на Самитот на претседатели на Парламенти “Европски парламент – Западен Балкан“ кој што ќе се одржи во Брисел, Кралство Белгија. На Самитот ќе учествуваат претседатели на Парламенти од Република Словенија, Португалската Република, Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Косово, Црна Гора, Република Северна Македонија и Република Србија. Во рамките на Самитот предвидено е да се одржи состанок на Комисијата за надворешни работи (АФЕТ), во соработка со постојаните делегации од Западен Балкан, и претседателите на Парламенти од Западен Балкан.

Со состанокот ќе претседава Дејвид Мекалистер, претседател на Комисијата за надворешни работи.

Самитот на претседатели на Парламенти како што е најавено ќе се осврне на зајакнувањето на парламентарната соработка во процесот на проширување како и на фундаменталната улога на парламентите во процесот на проширување на ЕУ во пост-Ковид периодот.

На маргините на Самитот, потврдено е дека претседателот Џафери ќе оствари билатерална средба со претседателот на Националното собрание на Република Словенија, Игор Зорчиќ, како и средба со европратениците Шидер, Кјучук и Валсман.

Пред оваа средба, претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, ја истакна важноста на парламентарната работа за процесот на реформи и проширување кон Западен Балкан.

„Клучно е да се реафирмира улогата на парламентите на Западен Балкан и на ЕП во процесот на проширување на ЕУ, како основен предуслов за градење на силни демократии, способни за заедничка европска иднина. Ова е уште поважно по кризата од Ковид-19, која ги предизвика парламентите ширум светот“, рече Сасоли.

Претседателите на парламентите на Португалија и Словенија исто така ќе учествуваат на самитот, претставувајќи ги сегашните и претстојните ротирачки претседателства на Советот на ЕУ.

Share
Scroll to Top