Градежните работи на градинката „8ми Март“ се завршени и наскоро, откако ќе ги мине пропишаните контроли и надзори ќе ги прими и првите деца, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, при увидот на објектот во скопската населба Драчево.
Во градинката ќе бидат сместени 110 дечиња во шест занимални, од кои во две ќе бидат згрижени децата до две годишна возраст, а во останатите четири, деца до шест години.
Според министерката Шахпаска, оваа градинка е првата градинка во нашата земја која е изградена со керамичка вентилирачка фасада (фотокаталитична) која има својства за прочистување на воздухот, бидејќи на себе ги лепи штетните честички од амбиенталниот воздух, кои потоа преку измивање со дожд се отстрануваат од неа.
Со ова, рече Шахпаска испочитувани се најсовремените стандарди за енергетска ефикасност.
„Со ваквите стандарди се создава поздрава околина не само за децата кои престојуваат во градинката, туку и за околината на објектот. И внатрешното уредување на просторот во кој ќе престојуваат децата е според најсовремените светски трендови кои овозможуваат учење и воспитување преку игра. Со новата градинка го решивме долгогодишниот проблем со кој се соочуваат и сегашните но и идните родители кои живеат во населбата Драчево, бидејќи најамалите жители на населбата освен што ќе бидат сместени во предучилишна установа каде се стекнуваат со своето прво образование, добиваат и целосен квалитетен развојот толку потребен за здравјето на децата. Токму здравјето на децата за сите нас е пред се, и над се“, рече Шахпаска.