Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, ја започна официјалната посета на УНЕСКО во Париз, каде го пречека генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле. Посетата на премиерот Ковачевски е прва посета на македонски премиер на УНЕСКО, известуваат од владината прес-служба.
Претседателот на Владата, Ковачевски, придружуван од министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, имаше средба со генералната директорка на УНЕСКО, Азуле.
Како што информираат од владината прес-служба, на средбата било истакнато дека Република Северна Македонија оваа година одбележува 30-годишен јубилеј од зачленувањето во оваа организација на Обединетите нации за образование, наука и култура.
Во актуелниот глобален културолошки контекст, Северна Македонија е вреден пример на успешна мултиетничка демократија, како држава којашто покажа на дело дека дипломатијата е средство за решавање на предизвиците. И со македонското древно јазично и културно наследство и преку функционалното мултикултурно општество, продолжува да придонесува во мозаикот на различности што ги негува и УНЕСКО, а коишто се карактеристика на заедничкиот свет, се додава во соопштението.
Текстот Прва посета на македонски премиер во УНЕСКО: Ковачевски пречекан од генералната директорка Азуле е превземен од МАКФАКС.