Колективните права на Албанците зависат од бројките и тоа го вели Уставот, а пак Заев не е над највисокиот правен акт, реагира Алијансата за Албанците откако денеска премиерот Зоран Заев изјави дека пописот нема да влијае врз законот за употребата на јазиците или правата на Албанците.
„Премиерот Зоран Заев одамна го загуби допирот со реалноста и неговите изјави не само што не можат да се земат како точни, туку претставуваат вознемирувачки аларм за тајните планови на Владата на СДСМ-ДУИ“, велат од Алијансата.
Од партијата на Зијадин Села додаваат дека во меѓувреме, Артан Груби веќе докажал колку е лесно да се пазари на сметка на Албанците и тој најмалку има право да зборува за унапредување на правата.
„Ваквите изјави на двајцата владини лидери и лиферувањата со бројки дополнително предизвикаа сомнежи за тоа што се случува со пописот. Владата и Државниот завод за статистика мора итно да дадат оттчет и објаснување за тоа што се случува со страницата и базата на податоци за пописот, каква штета е направена од сајбер напаѓачите, дали е влијаено и над податоците од дијаспората и кој ќе биде одговорен за какво било мешање во бројките“, додава партијата.