Спасовски: Продлабочување на меѓународната полициска соработка во сузбивање на меѓународните организирани криминални групи

пред 3 години

Предизвиците со кои се соочуваат државите од регионот и пошироко во насока на сузбивање на транснационалниот организиран криминал, од година во година стануваат се покомплексни и налагаат продлабочување на меѓународната полициска соработка во делот на сузбивање на меѓународните организирани криминални групи инволвирани во различни видови криминал, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на „Симулациската вежба за размена на информации во реално време“ организирана со координација на Министерството за внатрешни работи и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Тој пред учесниците од земјите од Западен Балкан, амбасадорот на мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која, високите претставници на делегацијата на МВР на Република Чешка и претставници на проектот ИПА 2019 за борба против сериозниот криминал во Западен Балкан истакна дека оваа симулациска вежба е исклучително успешна и корисна.

„ Во овој контекст и Република Северна Македонија заедно со земјите од регионот, ја препознава важноста од интензивна полициска соработка и ефикасна и ефективна размена на информации. Зајакнувањето на овој вид соработка, претставува приоритет врз основа на кој се надградува безбедносната и политичката стабилност на државите во Европа. Имајќи го ова предвид, Министерството за внатрешни работи беше иницијатор за спроведување на оваа вежба како еден дополнителен напор за потврдување на добрите пракси и евентуално, утврдување на областите во размената на информации каде што постои простор за подобрување“, истакна министерот Спасовски.

Тој потенцираше дека на регионален и меѓународен план, МВР изминатите години активно учествуваше во размената на информации и спроведување на меѓународни истраги за организиран криминал и сузбивање на организирани криминални групи од меѓународни размери, како по сопствени иницијативи, така и со партиципирање во иницијативи на други држави, при што оствари интензивна соработка не само со земјите од регионот, туку и со земјите од ЕУ.

Спасовски изрази очекување дека извештајот што ќе го изготват претставниците на регионалниот проект за борба против организиран криминал ИПА2019 ќе укаже на евентуалните недостатоци и ќе даде препораки за нивно надминување, но исто така ќе ги потенцира и добрите пракси и искуства кои што ги користат земјите од нашиот регион. На крајот министерот Спасовски уште еднаш изрази голема благодарност до Мисијата на ОБСЕ за нивната перманентна поддршка и партнерство со МВР.

Во склоп на „Симулациската вежба за размена на информации во реално време“, присутните ја проследија и симулираната полициска операција на Специјалната антитерористичка единица – Тигар која ја заокружи вежбата и ги ефектураше резултатите од неа, а во која полициските службеници се справуваат со терористи кои напаѓаат објект на критична инфраструктура употребувајќи нелегално оружје.

Share
Scroll to Top