Жрепка за ЛШ: Реал со шанси да го извлече Лајпциг, а Баерн – Барса

пред 4 години

Со вчерашните натпревари од последното шесто коло од фудбалската Лига на шампиони завршена е групната фаза. Жрепката за осминафинале ќе се одржи во понеделник во Нион, а таму ќе се најдат 16 клупа поделени во две групи – носители и неносители.

Оваа жрепка е полудиригирана, а Реал Мадрид има само 4 потенцијални противници.

Кај носителите се: Баерн (М), Реал Мадрид, Манчестер Сити, Ливерпул, Челси, Борусија (Д), Јувентус и ПСЖ.

Кај неносителите се: Атлетико (М), Порто, Аталанта, Севилја, Лацио, Барселона, Борусија (М) и Лајпциг.

Реал не може да игра против Борусија (М), а не може да игра ниту против еден од останатите шпански преставници во осминафиналето.

Кај пресметките за веројатност на потенцијалните противници Реал има најголеми шанси (30.47%) да игра против Лајпциг. Преостанатите три можни противници се Порто, Аталанта и Лацио.

Баерн Минхен пак не може да игра против Борусија (М), Атлетико и Лајпциг, па голема е веројатноста пак да се судри со Барселона. Веројатноста за оваа можност е 22.23%.

Трите англиски клубови – Ливерпул, Челси и Манчестер Сити имаат најголеми шанси да го извлечат клубот од Менхенгладбах, а голема е веројатноста и Јувентус да има германски противник во борбата за четвртфинале.

Share
Scroll to Top