Светскиот рекет број 3, Гркот Стефанос Циципас открива дека не се вакцинирал со ниту една од достапните вакцини за КОВИД-19, посочувајќи дека ќе го направи тоа само ако биде задолжително во тенисот.
АТП и ВТА турнејата ги охрабруваат тенисерите и тенисерките да се вакцинираат посебно по појавата на делта варијантата, и додека Роџер Федерер и Рафаел Надал застанаа зад оваа програма, 23-годишниот Циципас уште не се одлучил на „боцкање“.
„Никој не ми кажал ништо, никој не ја направи задолжителна вакцината. Можеби некогаш ќе морам да ја земам, но засега не е задолжителна, така што не сум примил вакцина“, вели Циципас пред настапот на Мастерсот во Синсинати.
Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ претходно исто така беше скептичен околу вакцините со изјави дека се надева дека нема да биде задолжителна, но во последно време одбива да зборува за тоа. Надал, пак, откри дека веќе ја добил вакцината на „Фајзер“.
„Единствен начин да се излезе од овој кошмар е вакцинацијата. Наша одговорност како човечки суштества е да го прифатиме тоа. Знам дека луѓе се плашат од контраефектите, но вирусот е полош“, изјави Надал.