Манчестер јунајтед и Виљареал, вечерва ќе се борат за трофејот во Лига Европа. Англиско-шпанската пресметка ќе започне во 21 часот на стадионот во Гдањск, Полска.
„Црвените ѓаволи“ на Оле Гунар Солскјер, се во походот на вториот трофеј во Лига Европа. Првиот го освоија во 2017 година, против Ајакс (2:0), кога менаџер беше Жозе Мурињо.
Виљареал, прв пат во клупската историја, ќе се бори за трофеј. Досега, најголемиот успех во европските купови е полу-финалето против Арсенал во Лигата на шампионите, кога главни ѕвезди беа Диего Форлан, Хуан Роман Рикелме и Маркос Сена, а тренер Маурицио Пелегрини.
Искуството и традицијата се на страната на фудбалерите на Мачестер јунајтед, додека главниот адут на Виљареал е тренерот Унаи Емери, кој со Севилја три пати ја освоил Лига Европа.
Менаџерот на Јунајтед, за финалето нема да може да смета на напаѓачот Марсијал, додека под голем знак прашалник е настапот на капитенот Мегваер. На спротивната срна Виљареал се комплетни, неизвесен за настап е само нигерискиот крилен напаѓач, Чукуезе.
Традицијата на меѓусебните дуели не влева надеж дека финалето ќе биде ефикасно. Манчестер јунајтед и Виљареал досега одиграле четири натпревари и сите завршиле без голови.
Два пати играле во фазата по групи во Лигата на шампионите, во сезоните 2005/2006 и 2008/2009.