Елверум го изненади Мешков – Вардар е последен, ППД Загреб со 0-7 скор во ЛШ

Елверум го изненади Мешков – Вардар е последен, ППД Загреб со 0-7 скор во ЛШ

пред 4 години

Елверум со 33:31 го победи Мешков Брест во меч од ЕХФ Лигата на шампионите, забележувајќи ја втората победа во натпреварувањето оваа сезона и праќајќи го Вардар на последното место во групата А. Во групата Б пак, ППД Загреб го загуби по седми пат во седум меча, овојпат со 29:25 на гостувањето кај Мотор Запорожје.

Во последниот меч пред божиќната пауза, норвешкиот Елверум го направи најголемото изненадување триумфирајќи над третопласираниот белоруски тим откако успеа да го преземе водството во последните седум минути од мечот за прв домашен триумф оваа сезона.

Александер Блонц, Доминик Мате и француската ракометна легенда Лук Абало имаа по пет гола за Елверум, додека за Мешков беа недоволни седумте гола на Владимир Врањеш. Вардар сега е последен во групата по низата откажувања на мечеви поради КОВИД-19 – Вардар има 5 одиграни мечеви, Елверум осум, а Мешков дури девет.

Лошата 2020 за Загреб пак, заврши со 29:25 пораз кај Мотор Запорожје, иако „плинарите“ имаа водство од 18:16 на почетокот на второто полувреме и потоа дозволија домаќините да направат серија од 5:0 и целосен пресврт.

Мотор се четврти во групата Б со пет победи во низа, додека Загреб, нормално се на последното место.

Share
Scroll to Top