Манчестер сити се на чекор до своето прво финале во Лигата на шампионите, откако на гостувањето на „Паркот на принцовите“ кај Пари Сен-Жермен со пресврт стигнаа до 1:2 победа во второто полувреме, и сега ги очекува многу „поопуштен“ реванш следната недела на домашен терен.
А можеше да биде многу поинаку ако тимот на Маурисио Почетино ја искористеше својата доминација во првото полувреме за да постигне повеќе голови. Капитенот Маркињос уште во 14. минута ги донесе домаќините во водство со убав гол со глава од корнер, но потоа Килијан Мбапе, Нејмар и Анхел ди Марија не ги искористија своите шанси против реално дезориентираниот тим на Сити.
Но, во второто полувреме, приказната беше поинаква. Што и да им кажал Гвардиола за паузата, очигледно функционираше, бидејќи Сити почна да ја игра својата препознатлива игра и во 64. минута успеа да израмни преку капитенот Кевин де Брујне. Само седум минути подоцна по еден слободен удар, Ријад Марез немаше проблем да го надмине лошо поставениот ѕид на ПСЖ за Кејлор Навас по вторпат да ја вади топката од мрежата. Нервозата кај ПСЖ растеше, и Идриса Геје во 77. минута доби заслужен црвен картон по остриот старт над Илкај Гундоган, за да ги намали шансите на ПСЖ за некаков камбек.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк