Македонија во победничка низа – преку Естонците за заддржување на првото место

Македонија во победничка низа – преку Естонците за заддржување на првото место

пред 3 години

Македонската фудбалска репрезентација, само неколку дена по легендарната победа во Грузија и пласманот на Европското првенство, стигна до нова победа, овојпат со 2:1 над Естонија за да се заддржи првото место во групата 2 во Ц-Лигата на нации на УЕФА.

Иако без Горан Пандев, Аријан Адеми, Езѓан Алиоски и Столе Димитриевски, селекторот Игор Ангеловски не ги одмори другите репрезентативци кои беа на гостувањето во Тбилиси, бидејќи со победа над Естонците, кои не намачија за 3:3 реми во првиот меч, го заддржуваме првото место и имаме шанса да влеземе во Лига Б следната сезона.

Македонија е прва со 9 поени во групата, додека од 18 часот играат Грузија и Ерменија. За нас сега следува гостувањето кај Ерменија во среда, каде што ќе се одлучува дали ќе успееме да влеземе во Лига Б, каде што би не чекале многу посилни репрезентации.

Во релативно неинтересното прво полувреме, сепак, најубавите шанси беа на македонските репрезентативци.  Иван Тричковски, овојпат како капитен на тимот, во 29. минута од мечот со прекрасен гол донесе водство за „рисовите“, пред неколку минути подоцна да има уште една шанса која ја одбрани гостинскиот голман Карл Хајн.

Второто полувреме не почна најдобро за нас, откако Рауно Сапинен во 52. минута од мечот постигна фантастичен гол со лоб удар за да го измами Шишковски на голот. По влегувањето во игра на Костадинов и Стојановски во 59. минута се крена темпото на игра и се нижеа напади на голот на Естонците, каде што Хајн беше одличен. Токму Стојановски во 68. минута, конечно, го скрши отпорот на гостите, по една одлична асистенција на Елиф Елмас. И по ова имавме неколку убави шанси преку Стојановски и Љупче Дориев, но резултатот остана ист.

ЛИГА НА НАЦИИ, ЛИГА Ц, ГРУПА 2

Македонија – Естонија 2:1

Грузија – Ерменија 18.00 ч.

Табела: 1.Македонија 9, 2.Грузија 6, 3.Ерменија 5, 4.Естонија 3

Фото: ФФМ

Share
Scroll to Top