Првиот светски тениски рекет во моментов, Србинот Новак Ѓоковиќ „изгоре“ во желбата да испише историја – прв да дојде до 21. грен слем титула во кариерата (Надал и Федерер имаат по 20) и по цели 52 години (1969 години, Род Лејвер) да ги комплетира сите четири грен слем турнири во една календарска година.
На патот му застана младиот руски тенисер, Данил Медведев (25), втор на АТП листата.
Во финалето на САД опен, на „Артур Еш“ стадионот во Њујорк, Русинот прикажа мудра игра и со убедливи 3-0 (по сетови 6-4, 6-4 и 6-4) за нешто повеќе од два часа игра го победи фаворитот, а самиот испиша историја – прв грен слем трофеј во неговата кариера.
Првиот сет го одлучи еден брејк, и тоа во воведниот гем, доволен за водство на Медведев од 1-0.
Во вториот сет се играше израмнето се до 2-2, но тогаш рускиот тенисер успеа да направи брејк што Србинот го „извади од колосек“.
Novak Djokovic vs. racket ? pic.twitter.com/cluke4Nzuq
— Neil Dalal (@NeilDalal96) September 12, 2021
Следуваше рутинирана завршница и голема предност од 2-0 во сетови за „предизвикувачот“.
Емотивно исцрпен, Ѓоковиќ во третиот сет предвреме се предаде, а Медведев не ја испушти можноста да го „дотолчи“ противникот. Со два брзи брејка стана јасно дека победникот е веќе извесен. Иако на крајот Ѓоковиќ одигра за својата чест, сепак поразот не успеа да го избегне – и во третиот сет загуби со резултат 6-4.
Статистиката вели дека Медведев имаше трипати повеќе асови од Ѓоковиќ, десетина винери повеќе, а десетина неизнудени грешки помалку од српскиот ас.