Тврд натпревар игра македонската фудбалска репрезентација во Букурешт, во првото коло од групата Ц на Европското првенство против Австрија.
1-1 е по првите 45 минути, во меч без голема фудбалска убавина, со многу тактичко надмудрување.
Малото невнимание пред се на Алиоски во 18 минута го искористи Лајнар, дочека една нафрлена топка и лесно погоди во спротивниот агол од голот на Димитриевски.
Оттогаш Македонија како да се ослободи од воведниот притисок, па во 28 минута настана општ хаос на 20-тина метри пред голот на Австрија.
Дефанзивците панично исфрлаа една топка, таа удри во Сабицер, се одби во шеснаесетникот и кога се чинеше дека голманот Бауман ја има в раце, таа заврши во поле, Пандев го прифати „подарокот“ и го запиша својот 38. гол за Македонија.
Процентот на посед на топка е за Австрија, имаат и повеќе обиди кон голот, но резултатот е нерешен.
Македонија во вториот дел ќе тргне по преостанатите 2 бод од воведниот меч.