Генералниот директор на Милан, Иван Газидис им вети на навивачите дека ќе ги „подесат“ цените на билетите за Лигата на шампионите по лутата реакција откако билетите на Милан чинеа повеќе од двојно од тие на градскиот ривал Интер.
Двата клуба го делат стадионот „Џузепе Меаца“, попознат како „Сан Сиро“ според квартот во кој се наоѓа, и оваа сезона двата клуба се во ЛШ – Милан првпат по седум години. Интер ја отвараат сезоната против Реал Мадрид на 15 септември и цената на билетите за „Курва“ одделот е 48 евра, додека Милан отвараат против Атлетико Мадрид на 28 септември, и за истата секција билетите чинат 119 евра.
Газидис со писмо на официјалниот веб-сајт ја објасни ситуацијата.
„Драги Миланисти, ви пишувам по загриженоста околу цената на билетите за враќањето во Лигата на шампионите. Прво, сакам да ве уверам дека секоја одлука на менаџментот на клубот е направена за интересите на клубот. За жал, уште се наоѓаме во тешка ситуација поради пандемијата и страдавме од тоа што 18 месеци на трибините немаше навивачи – прво поради енергијата која ја давате, а потоа и поради приходот кој се остварува. Сите приходи на клубот се инвестираат назад во клубот. Во овој случај, јасно ја разбравме вашата загриженост и вашите пораки и ја сменивме одлуката со што ќе ги подесиме цените на билетите за Лигата на шампионите на нивото кое ќе биде коректно. За да заддржиме искрен однос, ако направиме нешто што не ви се допаѓа, треба да признаеме, но исто толку е важно да ја добиеме вашата поддршка за доброто на Милан“, вели Газидис.